Еве неколку лекции што ги научив од гејминг, а кои би можеле да ви користат и вам, пишува, Петар Сутара, аналитичар за понуди во Egzakta Group:
Oregon Trail: Како да планираш непредвидени ситуации
Се сеќавате на играта Oregon Trail од седумдесеттите? Веројатно не, но речиси секоја година излегува нова верзија. Суштината е иста: имате ограничени ресурси, непозната територија и одлуки што го одредуваат преживувањето. Звучи познато? Така изгледаат реалните проекти.
Секој ден може да донесе нов проблем. Клучното прашање не е дали нешто ќе тргне наопаку, туку кога и како ќе реагираме. Најдобрите менаџери не планираат идеално сценарио, туку однапред смислуваат три можни патишта кога работите ќе се искомплицираат. Најважната дилема во секоја партија: брзина или квалитет? Да се вложи во побрз транспорт или побезбедни залихи? Во деловен контекст: да се инвестира во побрз резултат или поквалитетен производ? Универзален одговор нема, но мора да постои свесна одлука.
Можеби во вашата компанија треба да започнете „Oregon Trail анализа“. Седнете и запрашајте се: Што сè може да тргне наопаку? Имате ли „план Б“ за секое сценарио? Можеби делува песимистички, но во реалноста заштедува и нерви и пари.
The Lost Vikings: Силата на тимот е во различностите
Моја прва игра беше The Lost Vikings. Тројца Викинзи, Ерик, Балеог и Олаф секој со уникатни способности. Ерик е брз и агилен, но слаб. Балеог е силен борец и стрелец, но бавен. Олаф носи штит, корисен за одбрана, но не може да напаѓа. Поентата е едноставна: без сите тројца, не може да се помине ниедно ниво. Нема „главен херој“ што сè решава сам. Секој мора да придонесе со својата единствена вештина за да се реши проблемот.
Најлошите проекти на кои сум работел беа токму оние каде некој се обидуваше да биде и Ерик, и Балеог, и Олаф. Исходот беше ист: прегорување, слаб квалитет и немотивиран тим. Клучот е да се состави тим со комплементарни, а не идентични вештини. Ако сè зависи од една личност е рецепт за катастрофа.
Resident Evil: Секоја одлука има цена
Имате ограничен број слотови за опрема: клуч, батериска лампа, пиштол, муниција но и ракетен фрлач кој зафаќа половина простор. Да го понесете или не? Следното ниво можеби бара решавање загатка, а можеби е завршната битка. Истата дилема постои при креирање буџет или годишен план, ресурсите се ограничени, секоја грешка има цена.
Оваа игра учи дека секоја одлука има своја цена, „А“ значи откажување од „Б“, „Ц“ и „Д“. Во бизнисот можеби не е прашање на живот или смрт, но штетите се реални: скапа реорганизација, пробивање рокови, разочаран клиент. Не можете да носите сè одеднаш, мора паметно да изберете.
Portal (2007): Кога традиционалните решенија не функционираат
„Следниот тест е предизвикувачки“, најавува GLaDOS со роботски глас. Навистина е. Играчот е во просторија без излез, со пушка и физички закони што не функционираат нормално. Без туторијал, без помош, само ти и проблемот.
Portal учи како да се решаваат проблеми под притисок. Секој предизвик бара нова перспектива. Можеби решението не е лесно но организацијата за негово креирање е клучна. Ограничувањата се всушност двигател за креативност. Наместо да се борите со проблемот, можеби треба да го редефинирате.
Leroy Jenkins: Совршен план и човечки фактор
Најпознатиот менаџерски фијаско во гејмингот: тим од 25 луѓе планира напад каде сè е прецизно договорено. Тогаш еден од нив вика: „LEEEEROY JENKINS!“ и влетува сам. Совршениот план пропаѓа зашто еден човек не слушал или не му било грижа.
Лекцијата е едноставна: планот не вреди ништо ако не го разбираат и прифаќаат сите членови на тимот. Комуникацијата не е само е-пошта туку процес во кој секој разбира зошто нешто се прави и како неговиот дел се вклопува во целината.
Иднината на лидерството е во играта
Гејмингот не е само забава или бегство, туку искуство. Секогаш кога решавате проблем во игра, користите исти ментални „мускули“ како при водење проект, координирање тим или соработка со партнери. Образованието нè учи да анализираме веќе решени проблеми. Игрите нè учат да се справиме со непознати предизвици, со ограничени ресурси и под притисок.
Бизнисот се менува побрзо отколку што се пишуваат учебници. Можеби е време да ги прифатиме лекциите од најкомплексните симулации за донесување одлуки.
Извор: bizlife.rs