Бакарот, како еден од клучните метали за електромобилноста, обновливите извори на енергија и новите технологии, добива дополнителна тежина и за домашната економија. Во тој контекст, компаниите што инвестираат во модернизација, човечки капитал и одржливи практики имаат важна улога во зачувување на конкурентноста на секторот.
„Македонскиот рударски сектор е дел од глобалниот синџир и со стабилни производствени операции, со висок степен на усогласеност на стандардите и со одговорно управување, можеме да останеме конкурентни“, рече Ивица Карапетров, заменик управител на рудникот Бучим, на неодамна одржаната конференција The Economist MeetUp – The World Ahead 2026.
Извор: The Economist MeetUp 2026
Според него, долгорочната одржливост на индустријата не се темели само на природните ресурси, туку и на луѓето, технологијата и односот кон заедницата. „Одржливото рударење не е документ, тоа е идеологија на водење бизнис, рационално и профитабилно користење на ресурсите со минимален импакт врз околината и со свесност за наследството што го оставаме на идните генерации“, нагласи Карапетров.
Со континуирани инвестиции, јакнење на локалните економии и усогласување со ESG принципите, рударството има потенцијал и понатаму да биде стабилен извор на економски раст и индустриски развој за Македонија, особено во време кога суровините стануваат сè поважен геоекономски фактор.