Како е можно Apple никогаш да не го заштитил името на својот основач? Токму тоа прашање им ги отвори вратите на Барбатови. Нивното истражување на пазарот покажа дека „Steve Jobs“ никогаш не бил регистриран како заштитен знак, па одлучија да ја искористат таа прилика. Не само што покренаа модна линија под тоа име, туку и дизајнираа лого – стилизирана буква „J“ со исечена страна, потсетувајќи на познатото јаболко на Apple.
Apple ги тужеше, но во 2014 година Канцеларијата за интелектуална сопственост на ЕУ пресуди во корист на Барбатови. Образложението? Буквата „J“ не е јадлива, па затоа одгризениот дел не може да се толкува како копија на јаболкото на Apple. Правната битка тогаш заврши, но брендот официјално оживеа дури во 2017 година.
Денес, речиси една деценија подоцна, брендот „Steve Jobs“ сè уште постои – произведуваат торби, фармерки, маици, модни додатоци, а браќата најавуваат и влез во светот на електрониката. Наизглед парадоксално, но вистинито: на полиците наскоро би можеле да се најдат телефони, лаптопи или паметни часовници со логото „Steve Jobs“ – кои немаат никаква врска со Apple.
Важни прашања за бизнис светот
Оваа приказна отвора неколку важни прашања за денешниот бизнис свет. Заштитата на брендот е клучна. Ако и глобален гигант како Apple може да превиди толку очигледна работа, замислете колку честа грешка е тоа кај помалите компании.
Силата на името во бизнисот е огромна. Самото име „Steve Jobs“ носи репутација на иновација, визија и перфекционизам. Браќата Барбато го искористија тоа, иако нивниот производствен фокус е сосема различен. Каде се границите меѓу инспирација и имитација? Каде завршува креативната идеја, а каде почнува „позајмување“ на туѓ идентитет? Во ера кога брендовите сè повеќе наликуваат еден на друг, ова прашање станува централно и во модата и во технологијата.
Актуелниот момент ја прави приказнава уште поинтересна. Во време кога вештачката интелигенција, новите патенти и заштитата на интелектуалната сопственост стануваат тема број еден во деловниот свет, случајот „Steve Jobs“ е потсетник колку е стратешки важно да се мисли неколку чекори однапред. Она што Apple го пропушти, некој друг го претвори во повеќемилионски бизнис.
Можеби никогаш нема да се случи „Steve Jobs“ телефон да стане конкуренција на iPhone, но како деловна анегдота, ова е школски пример како навремено препознавање на празнина на пазарот може да доведе до голем успех. А уште поважно – лекција дека иновацијата не подразбира само нови производи, туку и паметни одлуки во заштитата и водењето на брендот.
Извор: Bizlife.rs