Нина Ангеловска: Со бебе во количка и лаптоп во рака низ дигиталниот свет на Кина

Што се случува кога дигиталната иднина што ја замислуваме кај нас, ќе ја сретнете како секојдневие на друг крај од светот? За Нина Ангеловска, престојот во Кина бил токму такво патување, низ свет каде технологијата не е само додаток, туку животен стандард.

nina-3886-fi

Извор: Приватна архива

Во ова интервју зборуваме за тоа како изгледа еден ден во Гуангжу со бебе во количка и лаптоп во рака, за QR-кодовите што ја замениле готовината дури и на пазарските тезги, за најбрзата достава во светот и за тоа што македонските компании можат да научат од кинескиот пристап кон онлајн трговијата. Разговараме и за тоа што значи потпишувањето на Меморандумот со кинеската e-commerce комора за домашниот бизнис сектор, како и за визијата за тоа каде би можела да биде Македонија ако се осмели да сонува и цели кон поголеми достигнувања.

1. Додека остатокот од светот сè уште ја гради дигиталната иднина, дали Кина ви изгледаше како место каде таа иднина веќе одамна пристигнала?

Може да се каже дека чувството беше такво. Таму „дигиталната иднина“ е веќе сегашност. Иако многу сме слушале и читале за тоа колку е технолошки напредна Кина, дури кога ќе се искуси од прва рака, може да се разбере колку длабоко технологијата е интегрирана во секојдневието – не само како некој напредок, туку како начин на живеење.

Сè е дигитализирано-од начинот на кој се плаќа, нарачува, резервира, до тоа како се организира јавниот превоз, логистиката, безбедноста … Речиси сè функционира преку супер-апликации како WeChat и Alipay. Тие не се само алатки за комуникација и плаќање, туку целосни дигитални екосистеми преку кои луѓето си ја организираат секојдневната логистика – од купување билети и закажување лекар, до изнајмување велосипед или плаќање овошје на пазар.

nina-3886-ps1

Извор: Приватна архива

Она што најмногу ме воодушеви е не само тоа што технологијата постои, тукушто е направена интуитивно, приспособена за сите, и навистина го олеснува животот. Вештачка интелигенција, автоматизација, паметна инфраструктура – таму не се „buzzwords“, туку реалност. Во таа смисла, да – Кина не само што ја гради иднината, туку многу аспекти од таа иднина веќе се нејзино секојдневие.

2. Како изгледа еден ден во Гуангжу со бебе во количка и лаптоп во рака? Што научивте за балансирање на семејството и работата во една таква футуристичка земја?

Имавме супер организација и си направивме нови ритуали за таму. Утринско будење, појадок, па утрински тренинг или трчање заедно со Стефан и потоа лаптопот во рака, а количката со бебе кај татко ми. После работа се шетавме покрај реката, а викендите имавме ритуал за бранч кога спие Стефан и зависно од неговото расположение потоа посетувавме нови места. Татко ми беше со нас и ми е од почетокот неизмерна поддршка, да не се согласеше да дојде тој со нас да го чува Стефан, веројатно ќе отидевме со Стефан сами на пократко туристички, без работни ангажмани. И со лаптоп и со количка со бебе, тешко дека може посветено и со полно работно време да се работи, единствено може да се искористи времето кога спие за извршување некои работни обврски.

nina-3886-ps2

Извор: Приватна архива

3. Во земја каде физичкиот кеш речиси исчезнал, како изгледа животот кога секоја трансакција – од кафе до картичка за метро се врши со QR-код?

Изгледа лесно, не размислувате дали прифаќаат картичка, паричник не носите со себе, ниту картичка никаде. Телефонот е буквално се-и паричник и банкар и многу повеќе од тоа благодарение на нивните супер апликации. Дури и на тезга за овошје, со скенирање на QR плаќањето се извршува буквално во неколку секунди.

4. Дали имаше ситуација за време на престојот кога некое е-комерц искуство ве остави без зборови – било поради брзината, практичноста или технологијата што стои зад него?

Па во главно бев запознаена со тоа како функционираат развиените екосистеми за е-трговија како што е во Кина. но во секој случај е фасцинантно да се види на дело како се тоа функционира толку брзо и организирано.

Екосистемот на е-трговија во Кина е неверојатно развиен и интегриран. Купувањето онлајн е дел од секојдневието за милиони луѓе, и тоа не само преку класични веб-страници туку главно преку мобилни апликации како Taobao, JD, Pinduoduo и слични. Она што го прави исклучителен овој систем е тоа што целата инфраструктура – од нарачка, плаќање, складирање, па сè до достава е дигитално поврзана и автоматизирана. Доставата на пратки е неверојатно брза, често во рок од 24 часа, па дури и истиот ден во поголемите градови како Гуангжу. Тоа е возможно благодарение на густата мрежа на магацини (fulfillment центри) што се поставени близу до градовите; автоматизација и роботизација во складиштата (каде што роботи ги собираат и спакуваат нарачките); интегрирани логистички системи што веднаш ја доделуваат нарачката на најблискиот курир; достава со лесни електрични возила – најчесто електрични скутери (e-scooters) и мали електрични комбенца. Покрај тоа мрежата на out-of-home delivery е широко распространета, па на секој чекор има пакетомати (smart lockers) за самостојно подигнување на пратките. Quick e-commerce тука е супер-брз во права смисла на зборот, нарачките на намирници стигаат за 10-15 мин. Во толкав град импресивно е како толку брзо сè се доставува, а тоа е благодарение на технологијата.

5. Што беше најтешко да се прифати како дел од секојдневието таму?

Јазичната бариера. Иако со технологијата сега и тоа се надминува сепак тоа што не може директно да се комуницира или праша нешто во секојдневни ситуации е предизвик. Исто така се е на кинески па и за да прочитате било што, било каде, пример и на полици во маркет треба да користите google translate со камера. За добар дел од работите потребна ни беше помош од локалец. Но адаптацијата е процес, после кратко време се навикнавме на тоа. Покрај јазичната бариера целокупно менталитетот и начинот на комуницирање е целосно различен од оној кој го познаваме ние и живееме. Храната исто така е многу различна, па ни требаше време да се привикнеме и да си најдеме што нас ни одговара за секојдневна исхрана.

nina-3886-ps3

Извор: Приватна архива

6. Кога ќе се навратите на професионалниот дел од престојот во Кина – постојат ли некои искуства или средби што би ги издвоиле како најзначајни за вашата визија и работа понатаму?

Canton Fair беше извор на инспирација и контакти. Средбите со добавувачи, учењето за новите трендови и производи, учењето за логистичките модели и многу повеќе ми ја проширија сликата за иднината на е-трговијата. Исто така би ги издвоила посетите на фабрики и учење за процесите на производство.

nina-3886-ps4

Извор: Приватна архива

Остварив многу контакти и средби, научив и за нивниот начин и стил на комуникација, а исто така и имав прилика да видам колку работат – комуникацијата за работа ја вршат во секое време, дење, ноќе, за време на викенди. Кај нас тоа да го правите или особено во Европа ќе бидете опоменати, односно не се смета за културно некого да контактирате после работно време или уште повеќе за време на викенди, кај нив е сосема нормално.

7. Потпишавте Меморандум за соработка со кинеската e-commerce комора. Од ваша перспектива, што значи тоа за македонските бизниси и кои се првите чекори по враќањето?

Меморандумот претставува исчекор во нашата мисија да ја поттикнеме меѓународната соработка и да создадеме нови можности за македонските компании на глобалната сцена. Соработката со Кинеската стопанска комора за е-трговија отвора нови перспективи за размена на знаење, пристап до огромниот кинески пазар и унапредување на прекуграничната е-трговија. Ова партнерство отвора врати за пристап до вредни ресурси и нови соработки, но и создава поттик за иновации преку директна поврзаност со еден од најиновативните и најдинамични пазари во светот. Една од првите потенцијални активности е организирање на бизнис посета во Кина со цел поврзување на домашните компании, наши членки со кинески партнери.

8. Ако мора да пренесете една навика од кинеското секојдневие во македонскиот урбан живот, која би била и зошто?

Нивниот позитивен „мајндсет“ т.е начин на размислување, смиреност и работливост. Исклучително се вредни и работат многу, а не се жалат или фалат за тоа. Некако се прават со леснотија. Нема претенциозност, надменост или его, отворени се за соработка и нудат помош и поддршка.

nina-3886-ps5

Извор: Приватна архива

Друго што би сакала да пренесам или да пресликаме е системот за дигитални плаќања – тотално интегриран, брз и достапен. Со тоа не само што се олеснува секојдневието, туку се отвораат и нови можности за мали бизниси, за податоци, за иновации, а истовремено се адресира и предизвикот со неформалната економија. Би сакала да го видам тоа и кај нас – со една апликација да можеш да платиш, нарачаш, резервираш, да живееш.

9. Кои прашања најчесто ви беа поставувани во Кина кога зборувавте за Балканот? Дали некои од нив беа поврзани со нашата земја и какви се нивните погледи кон истата?

Македонија не ја знаеја па прашуваа каде е, додека за Србија имаа слушнато доста од добавувачите на Canton Fair и знаеја дека е тоа „а friend of China“:) Гледаат на Балканот како на регион со потенцијал, но сè уште малку познат за нив. Во секој случај со оглед дека бев таму во време кога започна тарифната војна со Америка, беа уште повеќе заинтересирани за соработка со алтернативни пазари иако сме мал регион. Дополнително, кинеските партнери често го поврзуваа регионот со иницијативата на Кина т.н One belt, One road, гледајќи ја Југоисточна Европа како дел од нивната стратешка економска експанзија. Сметаат дека со добра локална поддршка и разбирање на пазарот, Балканот може да прерасне во важен партнер и дестинација за инвестиции и трговија.

10. Што може македонските или балканските компании да научат од кинескиот пристап кон онлајн трговијата?

Дека е-трговијата не е само канал за продажба, туку цел екосистем. Од корисничко искуство, преку логистика, до поддршка и податоци – сè е поврзано. Македонските компании треба да гледаат пошироко, да инвестираат во процеси, не само во маркетинг. Исто така, брзината и приспособливоста на кинеските компании се пример за сите нас.

Мислам дека не само македонските или балканските, туку сите може да научат многу од Кина кога станува збор за е-трговија.

11. Дали ова искуство ве натера поинаку да размислувате за иднината – можеби како повик за Македонија да се осмели повеќе, да сонува поголемо и да се постави покреативно во светот?

Ако сакаме има многу што да се научи од многу земји. И европските развиени земји имаат добри практики кои може да се аплицираат. Од Кина има многу што да се научи, а каде се денес е производ на колективната дисциплина, трудољубивоста, работливоста и отвореноста кон промени кои овозможуваат развој со неверојатна брзина. Кина во последните четири декади направи економски и технолошки скок каков што ретко се има видено во историјата. Од земја со доминантно земјоделство, стана глобален индустриски, технолошки и економски лидер. Тоа не е случајно туку е резултат на долгорочна, паметно осмислена државна стратегија фокусирана на индустријализација, отворање кон странски инвестиции, поттикнување на иновации и масовни вложувања во инфраструктура и технологија. Кинезите имаат неверојатна способност за учење, приспособување и брза примена на новите технологии. Исто така, нивниот начин на размислување е долгорочен, планираат за децении однапред, а не за краткорочни резултати. Во секојдневието, тоа се гледа во практична интеграција на технологијата-од мобилни плаќања и паметни градови до автоматизација на процесите и развој на еко-системи што овозможуваат ефикасност на секое ниво.

Кина покажува на дело што значи долгорочна визија, но и практична имплементација. Се надевам дека и ние ќе се осмелиме да гледаме поамбициозно, да се поврземе повеќе глобално и да инвестираме во вистински промени. Ни треба повеќе храброст, фокус и истрајност, а пред сè ни треба градење на таленти и инвестирање во човечки капитал.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.