ДИА – првата македонска апликација за следење дијабетес

Од ден на ден се повеќе се зголемува бројот на апликации, алатки и софтвери кои се создаваат за животот и секојдневието да нѝ бидат однапред испланирани, олеснети, поедноставени. Токму овој момент на дигитална револуција го користат двајца млади ентузијасти, полни со иновативност и желба да создадат нешто по кое ќе останат запаметени.

dia

Извор: WebMind

Водени од вистинските вредности со чиста мисла и широка насмевка Марио и Ѓорѓина, науморно работат на развивање на мобилната апликација ДИА. Апликација која е наменета да го олесни секојдневието на лицата со дијабетес и да го олесни и подобри квалитетот на животот преку интуитивен и персонализиран интерфејс претставува своевиден личен асистент во секојдневните предизвици.

Според последните податоци од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во Македонија, во регистарот за шеќерна болест за 2022 , бројот на новодијагностицирани болни со дијабетес изнесува 7,737 случаи, додека вкупниот број достигнува 134,668. Пандемијата на новото време, како што знаат да го наречат дијабетесот секоја година зема сè поголем замав, а да се живее со истиот е вистински предизвик. Токму затоа водени од визијата да ги спојат технологијата и медицинската експертиза, Марио и Ѓорѓина креираат дигитално решение кое ќе им даде можност на лицата со дијабетес ефикасно да ја следат и менаџираат нивната состојба.

Здраво ДИА, можете ли да дадете преглед на мобилната апликација ДИА и нејзините клучни карактеристики прилагодени за лица со дијабетес? Кои се нејзините главни функции и посебности?

ДИА е мобилна апликација која е наменета за активно следење и менаџирање на дијабетесот. ДИА претставува дигитална алатка која на лицата со дијабетес им користи како персонален асистент за контрола на нивната состојба. Со ДИА, корисниците имаат можност редовно да ги внесуваат и следат трендовите на нивното ниво на глукоза со помош на генерирани извештаи на дневно, неделно и месечно ниво. Дополнително, ДИА им овозможува на корисниците редовно следење на нивниот крвен притисок, ХБА1Ц и телесна тежина. Воедно, во апликацијата е содржан и алгоритам кој со помош на одговарање на краток прашалник им овозможува на корисниците целосна персонализација на блог содржини согласно нивниот тип на дијабетес и индивидуален начин на живот.

dia-aplikacija

Извор: ДИА

Што го инспирираше развојот на апликацијата ДИА и која е приказната што се крие зад истата?

Секојдневно сме сведоци на тоа дека дијабетесот не познава граници, претставува еден вид на пандемија и влијае на огромен број на лица на локално и глобално ниво, вклучувајќи и наши блиски роднини и пријатели. Па во таа смисла, нашата визија беше успешно да ги споиме технологијата и медицинската експертиза и да креираме дигитално решение кое ќе им даде можност на лицата со дијабетес ефикасно да ја следат и менаџираат нивната состојба.

Како апликацијата ДИА ја користи технологијата за да им помогне на корисниците ефикасно да управуваат со нивниот дијабетес?

Првата причина поради која се одлучивме да креираме технолошко решение, односно дигитална алатка во форма на мобилна аплилација беше со цел да допреме до што е можно поголема публика и да придонесеме до тоа што е можно поголем број на лица со дијабетес да можат ефикасно да ја менаџираат својата состојба. Преку анализа на клучните елементи кои ги содржи ДИА, корисниците ќе добијат поголема свесност и вредни информации за нивната состојба и ќе можат да постават долгорочни цели и прилагодувања кон поздрав начин на живот, секако во консултација со нинвниот здравствен тим.

Дали би можеле да нè запознаете со корисничкото искуство на апликацијата ДИА, од вклучување до секојдневна употреба?

Моментално ДИА е достапна на платформата Google Play, па со самото преземање и регистрирање на аплилацијата, лицата со дијабетес ќе можат да пристапат до алатките и блоговите содржани во ДИА. При регистрација имаат опција да одговорат краток прашалник и со тоа целосно да ја персонализираат понудената содржина на блогови, согласно нивниот тип на дијабетес, нивото на физичка активност и секојдневниот животен стил. ДИА им овозможува на корисниците на дневно ниво да внесуваат параметри за нивото на глукоза, крвен притисок, ХБА1Ц и телесна тежина, па со тоа редовоно да ги следат тенденциите и промените. Од генерираните извештаи за нивото на глукоза, лицата со дијабетес визуелно можат да ги увидат настанатите промени во врска со нивниот шеќер во крвта и подобро да ја разберат нивната здравствена состојба.

Кои специфични алатки или функционалности ги нуди апликацијата ДИА за да им помогне на корисниците да го следат нивото на гликоза во крвта и да го следат нивниот внес на инсулин?

При креирање на мобилната апликација, најголем фокус ставивме на алатката за внес на нивото на глукоза и извештаите кои таа ги генерира.

image-1

Корисниците имаат можност секојдневно да внесуваат параметри за нивното ниво на глукоза и според внесените единици, ДИА генерира графички извештаи за дневна, неделна и месечна состојба на нивото на глукоза, кои на лицата со дијабетес им покажуваат временски, колкав процент од нивното ниво на глукоза е во нормални граници, како и просек од внесените параметри. Со помош на овие извештаи, лицата со дијабетес ќе можат да препознаат клучни тенденции, шеми или области кои бараат посебно внимание при контрола на нивното ниво на глукоза.

На кои начини апликацијата ДИА ги поддржува корисниците во донесувањето информирани одлуки за нивната исхрана, вежбање и терапија?

Со помош на медицинско лице, креиравме база на едукативни блогови кои вклучуваат теми како: типови на дијабетес, живот со дијабетес, дијабетес кај деца и млади, исхрана и физичка активност се со цел да доловиме што е можно повеќе корисни информации и податоци за да им помогнеме на лицата со дијабетес при носење на информирани одлуки за ефикасна контрола на нивниот тип на дијабетес.

Дали ДИА користи аналитика на податоци или алгоритми за машинско учење за да обезбеди персонализирани препораки и увид на корисниците?

Да, ДИА користи алгоритам за персонализација на блог содржини согласно типот на дијабетес и индивидуалниот начин на живот на секој корисник. Со одговарање на краткиот прашалник при регистрација, односно со одговарање на прашања поврзани со типот на дијабетес, возраст, вид и ниво на физичка активност, алгоритмот ги прибира потребните информации, целосно ја персонализира блог секцијата и генерира содржини согласно индивидуалната состојба на секој корисник.

Дали корисниците можат да интегрираат податоци од други уреди или апликации за следење здравје со апликацијата ДИА?

Моментално, внесувањето на параметрите се врши мануелно, но нашиот план е во најбрз можен рок целосно да ги автоматизираме процесите, односно да интегрираме надворешни уреди и апликации за автоматски пренос на потребните параметри.

Кои мерки ги презема апликацијата ДИА за да се обезбеди приватност и безбедност на здравствените податоци на корисниците?

ДИА ги собира само оние податоци кои корисникот ги обезбедува преку корисничкиот интерфејс, однсно преку регистрација и одговарање на прашалникот и ги складира во интерната меморија на уредот и на безбедносен сервер. Овие податоци се користат исклучително за работа на алгоритмот и негово подобрување. Податоците се целосно заштитени и енкриптирани согласно ЕУ законите.

Дали има некои успешни приказни или сведоштва од корисници од користењето на апликацијата ДИА  што можете да ги споделите со нас?

Пред неколку недели направивме краток прашалник за да прибереме фидбек за ДИА. Изненадени бевме од позитивниот фидбек кој го добивме од постојаните и нови корисници во врска со функционалноста на алатките, дизајнот и корисничкото искуство на мобилната апликација. Секако, добивме и предлози за понатамошни ажурирања кои ќе се обидеме да ги имплементираме во најбрз временски период.

Какви планови има развојниот тим за идни ажурирања или подобрувања на апликацијата ДИА?

Нашиот план за во иднина е целосно да ја искористиме моќта на технологијата при идно ажурирање на мобилната апликација. Имаме многу идеи за понатамошен развој и има голем простор за додавање на нови алатки, но први на листата ни се имплементација на вештачка интелегенција и автоматизација, како нови алатки за следење и менаџирање на исхраната, терапијата и физичката активност.

dia

Извор: ДИА

Имате ли остварено партнерства или соработки со даватели на здравствени услуги, организации за дијабетес или други релевантни чинители?

За сега, во контакт сме со Сојузот на Дијабетичари на РСМ, со кои зборуваме за идни ажурирања, планови и потенцијални соработки, во соработка сме и со Startup Club Skopje со кои активно работиме на бизнис моделот на ДИА, учествуваме во голем број програми кои ни помагаат за понатамошен развој на идејата и потенцијално проширување на други пазари и нормално, отворени сме за соработка со други стеик-холдери, согласно нашите идни планови и цели.

Страстен вљубеник во литературата и уметноста. Правник по диплома, новинар и маркетер по убедување, креатор на содржина и ПР ентузијаст од 9 до 5.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.