52-годишниот милијардер, кој беше соосновач на OpenAI, но повеќе не поседува удел, во тужбата поднесена на 29 февруари 2024 година во Сан Франциско вели дека тесната врска на компанијата со Microsoft ја поткопала првичната мисија за создавање на open source технологија која нема да биде предмет на корпоративни приоритети.
Лансирањето на ChatGPT од OpenAI пред повеќе од една година го популаризираше напредокот во технологијата за вештачка интелигенција и предизвика загриженост за ризиците што ги носи трката за развој на AGI, каде компјутерите се исто толку паметни како просечен човек. За ризиците често предупредуваше и Маск.
„До денес, веб-страницата на OpenAI Inc. продолжува да тврди дека нејзината повелба е да овозможи AGI ‘да биде од корист за сите луѓе’“, се вели во тужбата. „Во реалноста, сепак, OpenAI Inc. беше трансформиран во затворен извор де факто филијала на најголемата технолошка компанија во светот: Microsoft.“
Се сеќаваме на улогата на Маск во основањето на OpenAI во 2015 година, но тој ја напушти компанијата две години подоцна поради филозофски разлики за тоа како да се профитира од технологијата.
Извор: (FreepikAI)
Маск го критикуваше и реструктуирањето на раководството на OpenAI минатата година, кога во краток бурен период Сем Алтман беше отстранет како извршен директор на OpenAI, за потоа да биде вратен на функцијата со поддршка од Сатја Недела од Microsoft.
Маск во тужбата тврди дека Алтман, претседателот на OpenAI Грег Брокман и Microsoft заедно работеле за отстранување на мнозинството од управниот одбор на стартапот, кој бил одговорен за спроведување на нејзината првична мисија за развој на технологија за корист на човештвото.
Откако ги претставија ChatGPT и GPT-4, големиот јазичен модел што го овозможува четботот, OpenAI предизвика бран на прифаќање на вештачката интелигенција во компаниите низ светот. Microsoft беше еден од најагресивните во вклучувањето на AI технологијата во својот широк спектар на cloud услуги.
Во тужбата на Маск се истакнува дека реструктуирањето на OpenAI Inc. подразбирало компанијата да ја напушти својата непрофитна мисија за развој на AGI за корист на човештвото во целост. Оригиналната визија била да не се дозволи технологијата да биде во рацете на голема профитна корпорација во која на тој начин неминовно би била концентрирана огроомна моќ.