Како сребрен спонзор на StartUp Weekend Ohrid 2025, компанијата не само што финансиски поддржува, туку и едуцира, инспирира и ја гради свеста кај младите за нивната финансиска иднина. Во ова интервју откриваме како изгледа точката каде што пензиските вредности се среќаваат со претприемачкиот дух – и зошто младите се клучот и за едните и за другите.
КБ Прво пензиско друштво АД Скопје е поддржувач на претприемништвото. Што ве мотивираше токму Startup Weekend Ohrid да биде дел од вашата стратегија за поддршка на иновации?
Соработката со СТАРТАП Македонија започна минатата година кога КБ Прво се јави во улога на поддржувач на Глобалната недела на претприемништво 2024. Оваа година ја продолживме соработката со финансиска поддршка (Сребрен спонзор) на StartUpWeekend Ohrid 2025.
Мотивот се токму младите учесници на овој тип на настани, кои се, или во иднина ќе бидат наши членови, односно членови во реформираниот пензиски систем. Ние како Друштво континуирано сме посветени на подигнување на пензиската свесност, на финансиска едукација и инклузија, со цел градење на нивната финансиска слободна во иднина. Континуираната поддршка на ваквите настани и нашето директно учество помагаат да ги насочиме кон размислување за полесно носење на одлуки за нивните лични финансии, како правилно да управуваат со нив, како и каде може да ги инвестираат и сл.
Овие млади бизниси и претприемачи се двигатели на економијата и активно придонесуваат во обликување на бизнис заедницата. Со иновативните идеи, технологии и начин на работа влијаат за креирање на нови работни места, поттикнувајќи ја конкурентноста на пазарот и економскиот раст.
Фондовите се поврзуваат со стабилност и сигурност, а стартапите со ризик. Како го гледате вие овој баланс и каде се среќаваат двата света?
Реформата во пензискиот систем во земјава која се воспостави пред 20 години беше со цел да обезбеди поголема сигурност во третото доба за секој еден поединец.
Пензиските фондови и стартапите работат со инвестирање. Едните инвестираат во финансиски инструменти, со тоа што се насочени кон водење на инвестициона политика, која ќе обезбеди сигурни и стабилни приноси за нашите членови, додека другите инвестираат во идеи, креираат иновативни решенија и премостуваат граници за нивна реализација, што носи и поголем ризик во самото работење. Значи сличности има, но клучните разлики придонесуваат да растеме заедно.
Поточно, балансот меѓу нив лежи во можноста за соработка. Веруваме дека постои можност за одлична соработка, можност за наше менторство на истите и пренесување на нашите знаења и know how во делот на инвестирањето и секако едукација во сегментот на обезбедување на стабилни пензионерски денови.
Ние како Друштво управуваме со средствата на пензиските фондови, кои се инвестираат во различни типови на финансиски инструменти. Тоа подразбира дека во текот на своето работење се соочуваме со многубројни ризици и предизвици, но кога станува збор за инвестициите се водиме во согласност со строго утврдени правила и принципи, а со средствата управуваат стручни и искусни лица, вложувајќи ги во сигурни финансиски инструменти, преку балансирано портфолио, во согласност со законски прописи. Истото овозможува сигурност и е со цел да се оствари највисок принос, единствено, во полза на членовите и пензионираните членови и преку диверзификација и финансиска анализа да се минимизира ризикот од загуби.
Друштвото е под постојан надзор на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС, а банката како чувар на имотот ги чува средствата на Пензискиот фонд одвоено од средствата на Друштвото.
Секако, на самата работа влијаат и случувањата во светот како што се движењата на пазарите на капитал, инфлацијата, воените конфликти и слично, што наметнува потреба за наша флексибилност и спремност на промени.
Значи и во нашето работење постојат ризици, но мора да се воспостават и да се почитуваат одредени норми на работа, правила и принципи, едукација и ангажирање на стручни лица, фокусирање на правилно управување со финансиите со цел да се минимизираат ризиците со кои се соочуваме.
Кои вредности на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје се поклопуваат со мисијата на Startup Weekend? Што сакате учесниците да добијат од ова искуство – покрај финансиската поддршка?
Вредностите на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, како што се посветеноста, транспарентноста, одговорноста и долгорочната стабилност, лесно може да се усогласат со мисијата на Startup Weekend. И двата концепти промовираат градење одржливи решенија, поддршка за иновации и создавање позитивно влијание врз заедницата.
Startup Weekend има за цел да поттикне креативност, тимска работа и претприемачки дух кај учесниците особено меѓу младите професионалци, фриленсери и стартап ентузијасти, додека пензиските фондови ја промовираат важноста на финансиската стабилност и планирањето на иднината. Тука се среќаваат: поддршката на стартапи од страна на институции како пензиски фондови може да ги охрабри младите претприемачи да создаваат решенија што се не само иновативни, туку и долгорочно одржливи.
Покрај финансиската поддршка, ова искуство може да им помогне на учесниците да развијат своите лидерски способности, да стекнат знаење за управување со бизнис и да ја разберат вредноста на тимската работа. Дополнително, менторството, мрежите за вмрежување и едукацијата што ги добиваат, можат да бидат клучни за нивниот професионален раст.
Со нашето работење насочени сме и кон младите генерации кои во иднина ќе бидат наши членови, за навремено да добијат информации за пензиската реформа и можностите за инвестирање и управување со нивните финансии.
Оттука младите се во фокус на интерес и на двете страни, во насока на нивна навремена финансиска едукација и поддршка на нивниот кариерен развој, развоја на лидерски вештини, почитување на етички вредности и сл.
Според вас, што им недостига на македонските стартапи за да направат скок на повисоко ниво – финансии, know-how, самодоверба или можеби нешто сосем друго?
Стартапите воопшто, а со тоа и во нашава земја се соочуваат со различни предизвици, посебно со оние кои треба да се надминат во раната фаза со цел идејата да се реализира и во пракса и да има успех на долг рок.
Треба да се спремни дека постојат ризици и мора да се вложи многу труд и време за постојано учење и усовршување на вештини на лицата кои се ангажирани во овие бизниси, како да дојдат до средства, да научат како да управуваат со нив, да развијат стратегија за развој, односно бизнис план за да можат да ги предвидат финансиските потреби во различни фази на развој на бизнисот, како да подготват маркетинг стратегија и настап на пазарот и сл.
Во последно време има посериозен настап и активирање на македонски стартапи и гледано од оваа перспектива сметаме дека имаат самодоверба, иницијативност и идеи. Веруваме дека им е неопходна и регулаторна поткрепа со што ќе им бидат регулирани нивните права и обврски.
Сметаме дека идеите и иновациите на стартапите бараат препознавање од македонските компании, нивно верификување, менторска и финансиска поддршка со што ќе им се овозможи полесен пристап до капитал.
Која би била вашата порака до сите млади што сакаат да ја реализираат својата идеја, но мислат дека банките не се заинтересирани за нив?
Да бидат упорни, да веруваат во своите идеи, да бидат флексибилни за промени и да го направат првиот чекор. Секако мора да имаат јасна цел, бизнис план и поддршка од соодветни ментори за се избегнат погрешни одлуки и да бидат правилно насочени. Тоа ќе им биде од помош при аплицирање за финансиски средства во банките кои нудат посебни услуги кои се наменети за финансирање на стартапи.
Правејќи ги овие храбри чекори, сакаме да ги поттикнеме да размислуваат не само за денес, туку да размислуваат и за иднината, денес. Времето за пензија ќе дојде многу побрзо од очекуваното. Со мали вложувања денес во доброволното пензиски осигурување, може да создадат посигурна и постабилна финансиска иднина утре кога немам да бидат продуктивни.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mkтел. 02/ 32 24 229