Хумор, стил и креативност: Како Maryse Jolene влијае на македонската сцена

Maryse Jolene е едно од оние имиња за кои не треба посебно претставување. Со повеќе од 50 илјади следбеници на Инстаграм, Maryse успеа да изгради своја автентична приказна, која ја комбинира креативноста со префинет стил и суптилна хумористична нота. Во овој разговор, таа ни открива како од љубител на автопортрети прерасна во влијателна личност на македонската сцена, со предизвици и моменти што ја дефинираа нејзината кариера. Дознаваме како успева да одржи баланс помеѓу своите лични вредности и барањата на пазарот, притоа останувајќи верна на себе.

maryse-2233-fi

Извор: Приватна архива на Maryse Jolene

Да се биде инфлуенсер е работа со полно работно време, како влезе во овој свет и што беше она што ти донесе преку 50К следбеници на Инстаграм?

Некако сè дојде спонтано. Најпрвин се занимавав со фотографирање и сакав да сум фотограф, потоа сфатив дека најмногу од сè обожавам да правам автопортрети. Се сликав и постојано ги прикачував сликите на фејсбук (тој период никој не седеше на Инстаграм) и од таму почнаа многу луѓе да дознаваат за мене (моите автопортрети). Подоцна почнаа фотографи да ми пишуваат за да им бидам модел, дали на фотосесија за бренд или за нивно портфолио, па така и како модел почнав да си објавувам слики од фотосесии на мојот профил на Инстаграм и спонтано дојде да еден ден, објавувањето слики да ми стане всушност професија.

Кои се некои од главните предизвици со кои се соочуваш како инфлуенсер на македонскиот пазар?

Па немам некој посебен предизвик со кој се мачам или слично, но ете ако мора да издвојам нешто тоа би било дека е тешко да допреш до поголема маса на публика. Македонската публика е 2 милиони луѓе од кои 1/4 се млади луѓе кои активно следат социјални мрежи. Нашиот јазик не го разбираат во Србија или кај другите соседи и некако без разлика колку квалитетна содржина правиш, таа може да стигне само до одреден максимум и тоа е тоа. Имам зборувано со неколку српски креатори на оваа тема и баш и тие истото го потврдуваат, дека кај нас има потенцијални артисти но публиката е многу мала.

maryse-2233-ps1

Кои критериуми ги земаш во предвид при изборот на брендови со кои ќе соработуваш?

– Најбитно од сè ми е да е бренд кој веќе го користам (или би сакала да го користам/пробам). Исто така гледам со кого до сега имаат соработувано како бренд и каков им е целиот пристап за соработка.

Можеш ли да споделиш некое незаборавно искуство или кампања на која си работела до сега?

maryse-2233-ps2

Најинтересни и најомилени ми се кампањите со патување каде се среќаваш со разни други инфлуенсери од Балканот или од Европа. На овие кампањи пласирањето производи оди навистина спонтано бидејќи сè е оставено на твојата креативност. Последните три такви кампањи ми беа во Милано и Блед (Словенија) и Будимпешта.

Веќе некое време живееш во Шведска, каков е пазарот на инфлуенсери во Скандинавија? Кои се критериумите за оваа професија таму? Имаш ли до сега остварено некоја соработка?

Критериумите се исти како и тука – да си забавен и интересен секој ден . Имаат некои малку построги регулативи од типот: кога имаш соработка мора да е напишано јасно и гласно дека тоа е соработка/ реклама/ affiliate линк итн. Соработка досега немам остварено и би сакала, но знам дека за тоа да се случи треба повеќе време да сум во Шведска, а јас периодов се враќам во Македонија на секои два месеци (или почесто).

maryse-2233-ps3

Хуморот е неизоставен дел од твоите видеа, колку истиот е клучен за создавање на содржина која публиката ја сака?

Не би рекла дека е клучен, но има огромен удел. Постојат анализи и истражувања дека најголем процент од луѓето ја отвораат апликацијата за забава, и тргнувајќи од тој факт сфаќаме дека е пожелно да има доза на хумор во содржината. Нормално, има исклучоци од тоа правило и не сите видеа се такви.

maryse-2233-ps4

Како се уверуваш дека производите што ги промовираш се усогласени со твоите лични вредности и вредностите на твојата публика?

Во најголем број од случаите, продуктите веќе ги имам користено или ми се дадени за употреба пред соработката и било какво објавување на истите, па доколку ми се допаѓаат доаѓа до соработка. Исто така,  правам мало истражување за брендот (исто како што тие прават за нас пред да нè контактираат ) за да видам дали станува збор за докажан бренд, дали е етички, гледам какви им биле претходните кампањи, итн.

Страстен вљубеник во литературата и уметноста. Правник по диплома, новинар и маркетер по убедување, креатор на содржина и ПР ентузијаст од 9 до 5.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.