Секоја кукла што ќе ја создаде носи тивка порака. Низ неа се гледа храброста да се почне од нула, љубовта што се вложува во секој вез од конецот и вербата дека дури и најнежните соништа може да прераснат во бизнис – ако им дадеш доволно срце. Така изгледа светот на Ивет Царо – жена, мајка, сопственичка на мал бизнис и креаторка на Caroline Handmade – бренд кој не е само за деца, туку и за сите нас што веруваме во магијата на рачната изработка.
Во момент кога многумина се откажуваат, таа одбра да се обиде. А од првото меко зајаче што го направила за својот син, започна најважната кукларска бајка во нејзиниот живот – онаа во која се пронаоѓаат стотици жени, мали девојчиња и секој што верува дека трудот, љубовта и автентичноста не излегуваат од мода.
Извор: Приватна архива
Во ова интервју, Ивет зборува за почетоците, стравовите, инспирацијата, брендирањето, иднината и за тоа зошто понекогаш најголемите успеси почнуваат од една стара машина за шиење … и силна потреба да создадеш нешто свое.
1.Сè започна пред 5 години, кога реши да ја извадиш старата машина за шиење на мајка ти и истата стана твојата алатка за промена. Што беше инспирацијата да почнеш да создаваш кукли?
Ми беше потребен некаков креативен издувен вентил во тој период од животот. Бев новокомпонирана мајка, која веќе си беше создала ред во својот свет со мирис на бебе. Ми беше потребен нов предизвик, нешто само за мене. Идејата за куклите дојде сосем спонтано. Направив 3 меки зајчиња како сет, за син ми. Излегоа одлично и ми се виде како лесна задача, па решив да ја искомплицирам. Така, куклите станаа вистински погодок – ги сакав уште како дете. Имав порцелански кукли со кои не играв од страв да не ги скршам. Затоа, меките кукли и јас бевме совршен пар. Истражував, учев, многу работев на себе и своите вештини и неколку месеци подоцна, имав колекција од неколку кукли кои затрепкаа на социјалните мрежи.
2.Од првата кукла до денес поминаа 5 години. Кога ќе се навратиш наназад, што е најголемата лекција што ја научи како занаетчија, но и како претприемач?
Како самоук занаетчија, би рекла дека трудот и неуморната работа се клуч за постигнување на каков било успех. Талентот и креативноста играат огромна улога, вистина е, но посветената работа и унапредувањето на вештините преку работата, отвораат илјадници можности во креирањето. Ако на почетокот ми било предизвик да ја скројам и сошијам куклата и да изгледа пропорционално и убаво, денес пред себе поставувам нови предизвици и сум посамоуверена дека ќе успеам да си ги остварам креациите без никаков проблем.
Извор: приватна архива
Што се однесува до делот на прашањето од аспект на претприемач, научив дека секој еден клиент е многу важен. Би рекла дека комуникацијата со клиентите ми е адут од самиот почеток. Мојата врска со клиентите е една заедница на која посветено работам и се трудам да ја задоволам и проширам, со луѓе кои имаат доверба во мојата работа и кои одново се враќаат. Љубезноста и посветеноста во одговарање на секое прашање се од огромна важност за опстојување на еден мал бизнис и градење доверба кај клиентите.
3.Како се менуваше твојот процес на изработка и пристапот кон работата низ годините? Дали има нешто што денес го правиш поинаку од самите почетоци?
Не можам да кажам дека нешто драстично е сменето во процесот на кој ги изработувам куклите, освен што имам стекнато само поголема самодоверба во работењето, а тоа веројатно е видливо и во квалитетот на изработката.
4.Кој беше најтешкиот момент при трансформацијата на оваа идеја во мал бизнис? Како научи да балансираш меѓу креативноста и практичната страна – продажба, маркетинг, клиенти?
Секој момент при водење на мал бизнис е тежок. Но, тежината постојано има различен импулс. Се сеќавам колку бев возбудена и исплашена кога ми пристигна првата нарачка и колку бев неописливо пресреќна кога госпоѓата ми пиша дека нарачката пристигнала кај неа, куклата е преубава и дека таа е многу задоволна. Балансот се обидувам да го постигнам преку довербата во себе. Продажбата како дел од бизнисот ја чувам во втор план, во заднина. Да, присутна е како мотивација, меѓутоа не дозволувам да ми ја презеде креативноста ниту во создавање на куклите, ниту во објавите. Се трудам да преовладува гласот на мојот бренд, емоцијата која мене ме инспирирала да ја создадам куклата и емоцијата која брендот ја предизвикува кај следбениците на брендот. Тогаш тие се претвораат во клиенти и создаваме врска која трае.
Извор: приватна архива
5.Што те научи искуството за тоа како се гради препознатлив бренд кога твојот производ е уникатен и се прави рачно?
Секој производ си бара своја публика и многу е важно таа публика да биде јасно дефинирана во главата на креативецот. Тогаш може да ги облече чевлите на своите клиенти (кои во мојов случај имаат 3-7 години, веруваат во еднорози, Дедо Мраз и сè им е розово и светкаво) и да создаде производ кој нивните мајки, баби, тетки ќе посакаат да го подарат. Многу помага и фактот што куклите се изработуваат и по нарачка и може да се персонализираат.
6.Твоите кукли имаат душа – изгледаат како да зборуваат. Како доаѓа инспирацијата? Дали секоја кукла има своја приказна, и дали некоја ти е посебно драга?
Невозможно е да создадам кукла без приказна. Самите бои на материјали, деталите и украсите си ткаат сказна. Според мене, секој модел на кукла има посебна моќ – да предизвика различно чувство кај различни луѓе, како вид уметничко дело.
7.Колку значеше поддршката од семејството и пријателите на самиот почеток? Дали мислиш дека жените во Македонија имаат доволно охрабрување да започнат свој мал бизнис?
За мене Caroline е чедо, а за да израсне едно чедо и да тргне на вистински пат, велат, потребно е цело село. Навистина е така. Семејството ми е грб на кој се потпирам уште од самите почетоци, а пријателите ми ја даваат најголемата поддршка како гласници на мојата работа и тоа навистина многу значи.
Храброста за почеток, доаѓа најпрво од самата верба во производот. На тоа понатаму се калемат можностите (финансиски, логистички, организациски) и полека се гради брендот. Ме радува тоа што се буди свеста за убавините и предностите на малиот бизнис за жената во Македонија, но сметам и дека во однос на охрабрувањето и поволностите, сè уште само гребеме на површината.
Извор: приватна архива
8.Во дигитална ера каде сè е на „copy-paste“, твоите рачно изработени кукли се вистинско освежување. Како гледаш на вредноста на занаетчиството денес, особено кај младите генерации?
Лично, отсекогаш ме фасцинирало занаетчиството и фактот што високата мода никогаш не дозволила да изумре и сите овие години го чува како капка вода на дланка. Иднината е во рачната изработка, и тоа се гледа по младите генерации кои сè почесто ја сфаќаат вредноста на еден рачно изработен производ. Тој е слика на нечие парче душа, креативност, зад кое се кријат часови истражувања и собрани искуства, солзи, труд и работа, чувство на исполнетост и задоволство, наспроти брза мода или пластична кукла иста како и илјадници други.
9.Како доаѓаш до своите клиенти? Кои се најуспешните канали за продажба и промоција и како технологијата ти помага да го прошириш твојот мал свет?
Се колнам во социјалните медиуми. Тие се мојата врска со луѓето кои ја почитуваат мојата работа, кои сакаат да ги следат новитетите и да бидат дел од моето мало дигитално куклено катче. Верувам дека и физичката продажба би вродила со плод, тоа е предизвик пред кој со нетрпение чекам да се исправам. Но, технологијата и социјалните медиуми прават моите кукли да ги видат голем број на луѓе, да бидат достапни за цела Македонија и пошироко и тоа е огромен плус.
10.Планираш ли да го прошириш бизнисот? Дали би размислувала за колаборации, вработување нови занаетчии или можеби онлајн курсеви за кукларство?
Зад себе имам неколку соработки со други занаетчии кои поминаа многу успешно и на кои сум многу горда. Списокот со цели ми е неисцрпен и секојдневно ми текнува некоја нова идеја – сонувам да го отворам студиото каде ќе можат луѓето да ги видат физички куклите и да си ја изберат својата. Работам на развивање концепт за работилници за деца за самостојна изработка на кукли. Постојано работам на нови колекции и концепти на производи кои би го прошириле портфолиото. Но, Caroline ми е исклучително важно да се развива смислено и со убав концепт, па затоа внимателно го избирам секој нареден чекор.
Извор: приватна архива
11.Што би им кажала на сите жени кои имаат идеја, но се плашат да направат првиот чекор?
Обидете се! Многу е лошо секој ден да живеете со прашањето: „А што ќе се случеше да пробав?“
12.Дали ќе имаме твоја самостојна изложба, pop-up продавница, или можеби бренд кој ќе го носат деца од целиот свет?
Навистина би сакала и работам на тоа.
13.Како го дефинираш успехот денес, по пет години работа? И дали успеа да го живееш сонот што тогаш едвај започна?
Штотуку почнав да сонувам. Иако се поминати цели 5 години, силно верувам дека ова е само почеток.