Зошто генерацијата Z ги избегнува телефонските повици и како тоа влијае врз кариерата?

Стравот од телефонски повици станува сè почеста пречка во професионалниот развој на младите вработени, а последиците, според најновите истражувања, веќе се чувствуваат и на работното место и во кариерата.

telefoni-5930-fi

Извор: bizlife.rs

Истражување спроведено од апликацијата за личен развој RiseGuide, на примерок од 2.000 припадници на генерацијата Z и миленијалците, покажало дека 42% од испитаниците не одговараат на телефонски повици, додека 58% однапред ги подготвуваат или „вежбаат“ разговорите пред да ги реализираат.

Избегнувањето повици сè почесто влијае врз кариерата

Иако на прв поглед изгледа како лична преференција, последиците од ваквото однесување одат многу подалеку од обичната непријатност. Дури 78% од испитаниците кои избегнуваат телефонски разговори велат дека поради тоа пропуштиле финансиски или професионални можности.

Во истражувањето се споменува и терминот „callergy“, кој ја опишува сè поизразената непријатност и избегнување на телефонската комуникација, проследена со сè поголемо потпирање на пораки, електронска пошта и социјални мрежи.

„Пораките и електронската пошта ни даваат простор да го обликуваме она што сакаме да го кажеме, додека разговорот во живо или по телефон бара моментална реакција“, објаснува Џејми Кампанела, експерт за продуктивност во RiseGuide.

Таа додава дека одложувањето на тешките разговори најчесто само ја влошува ситуацијата:

„Избегнувањето речиси секогаш создава поголеми проблеми од самиот разговор. Пропуштаме можности, ги нарушуваме односите и трошиме повеќе енергија на грижа отколку на решавање на проблемот.“

Телефонските повици стануваат постресни и од важни животни ситуации

Интересно е што младите сè почесто наведуваат дека непланираните телефонски повици се меѓу најстресните облици на комуникација, а во некои случаи дури ги доживуваат како постресни од интервју за работа или раскинување врска.

Дополнителен притисок создава и актуелниот пазар на труд, кој многу млади професионалци ги принудува да излезат од зоната на комфор за воопшто да дојдат до стабилно вработување.

Еден испитаник од генерацијата Z, кој работи во секторот за човечки ресурси и се обидува да премине од привремени договори кон постојано вработување, за Business Insider изјавил дека се јавува на телефон само кога активно бара работа. Непознатите броеви најчесто ги игнорира, освен ако не очекува повик.

Тој признава дека непланираните повици му делуваат како „отворање мистериозна кутија“, додека однапред договорените разговори со јасно дефинирани теми значително му ја олеснуваат комуникацијата.

Дигитална генерација меѓу пораките и вистинската комуникација

Генерацијата Z и миленијалците генерално претпочитаат пишана комуникација, но истовремено сè повеќе се обидуваат да го намалат времето што го поминуваат на телефон.

И додека некои практикуваат дигитален детокс или користат апликации за ограничување на употребата на уредите, тоа не значи дека се поподготвени за спонтани повици. Напротив, телефонските разговори и понатаму остануваат еден од нивните најголеми извори на стрес.

Извор: bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.