Зонгхуа веќе речиси една година станува рано, заминува на работа и се враќа дома доцна навечер. Однадвор, нејзиниот ден изгледа како оној на милиони други Кинези. Но, има една важна разлика: никој не ја плаќа, и никој не очекува резултати. Што да правиш и што да кажеш на семејството кога ќе останеш без работа? Ова станува сè почест предизвик за многу млади во Кина, кои не сакаат да се соочат со осудата или непријатните прашања од околината. Решението? Нов феномен – лажни канцеларии каде што луѓето се преправаат дека работат.
За цена од 30 до 50 јуани дневно (околу 4 до 7 долари), овие „канцеларии“ нудат работни маси, Wi-Fi, кафе, ручек и атмосфера што совршено симулира вистинско канцелариско опкружување. Според весникот Beijing Youth Daily, некои од овие компании нудат дури и измислени задачи. За дополнителна сума, илузијата станува уште поубедлива, можете да бидете „менаџер“ со своја канцеларија или дури да учествувате во некое работно сценарио.
Потрага по мир и рутина
Зонгхуа, не сака да го открие вистинското име. Откако дала отказ од напорната работа во финансискиот сектор пролетта 2024 година, почнала да бара порелаксиран начин на живот. Но, не ѝ било лесно да и ја соопшти вистината на семејството. На почетокот одела во библиотеки, но подоцна почнала да плаќа месечна членарина од 400 јуани (околу 55 долари) за удобно место каде го минува денот. Многу поевтино од седење со часови по кафулиња, вели таа. Сè уште не нашла нова работа.
Според официјалните податоци, стапката на невработеност во урбаните средини во Кина во првиот квартал од 2025 година изнесувала 5,3%. Но, кај младите е значително повисока – 16,5% за возраст од 16 до 24 години и 7,2% за оние од 25 до 29. На Xiaohongshu (кинескиот Instagram), постојат илјадници огласи за вакви компании кои имаат милиони прегледи. Некои во ова гледаат начин за справување со психолошкиот притисок, додека други сметаат дека ова само го одложува вистинскиот чекор кон вработување.
Овие компании често не се регистрирани формално, туку функционираат преку WeChat групи и неофицијални мрежи.
Бизнис што цвета на интернет
Новинарите на „El País“ посетиле една таква „канцеларија“ во пекиншката населба Шуангџинг. На рецепцијата стои табличка од адвокатска фирма која официјално е сопственик. Внатре, соби за состаноци и lounge-зона со капацитет за 36 „вработени“. Во среда наутро, таму имало само неколку лица, тројца на компјутери, еден маж разговарал на телефон, а дете си играло на мобилен. Лицето задолжено за просторот признало дека идејата е копирана затоа што е „хит на интернет“.
Основачот на слична фирма од Пекинг води WeChat група со околу 300 членови, каде што споделува фотографии и информации за „работното“ опкружување. Една од нив, креаторката на содржини Сју Лин, вели: „Иако на некои навистина им треба место за да се преправаат дека работат, повеќето од нас сме тука затоа што е интересно.“
Градежниот работник Да Ненг Мау верува дека овој концепт може да стане нова работна шанса. Тиан Тиан, пилатес-инструкторка со скратено работно време, додава дека идејата е „практична, особено за фриленсери кои сакаат рутина“.
Без разлика дали е бегство од реалноста, бунт против стресот или просто нов облик на современа изолација, ваквите „лажни канцеларии“ сè повеќе стануваат реалност во урбаните џунгли и отсликуваат едно општество во потрага по смисла, статус и тишина.
Извор: bizlife.rs