Кога вештачката интелигенција ја руши довербата на работното место

Доколку сте на менаџерска позиција и користите вештачка интелигенција (ВИ) за комуникација со вработените, бидете внимателни – вашата професионална репутација може да биде загрозена, покажуваат новите истражувања.

ai-4197-fi

Извор: Freepik

Вештачката интелигенција брзо навлегува во работната средина. Во Европската унија, 13,5% од компаниите со најмалку 10 вработени минатата година пријавиле дека користат ВИ – значаен скок во однос на 8% во 2023 година, според податоците на „Еуростат“. Истражувањето на Microsoft и LinkedIn од 2024 година покажа дека дури 75% од вработените во таканаречените „работни позиции со знаење“ ширум светот користат генеративна ВИ технологија на работното место.

Иако оваа промена може значително да ја зголеми продуктивноста, таа може да има и негативни последици – на пример, нарушување на односите меѓу колегите.

Во нова студија, објавена во International Journal of Business Communication, истражувачите анкетирале повеќе од 1.000 лица со полно работно време во САД, за да испитаат како тие ги доживуваат мејловите напишани со мала, средна или голема помош од ВИ алатки. На учесниците им биле презентирани различни сценарија во кои им било кажано дека мејлот го напишал или нивниот претпоставен, или тие самите, а потоа тие ја оценувале пораката според критериуми како професионалност, ефективност, искреност и грижа, пренесува Euronews AI Weekly.

Резултатите покажале дека пораките напишани со помош на ВИ генерално се сметале за ефикасни, ефективни и професионални, но се забележал значителен јаз во перцепцијата кога станува збор за мејлови од вработени и од менаџери.

„Професионалците генерално благонаклоно гледаат на сопствената употреба на ВИ, но се далеку поскептични кога истото ниво на помош го користи нивниот претпоставен,“ изјавил Ентони Комен, истражувач од Универзитетот на Флорида и еден од авторите на студијата.

Со други зборови, луѓето построго ја оценуваат употребата на ВИ кога таа доаѓа од шефот, отколку кога самите ја користат.

Оваа разлика била особено изразена кога шефот во голема мера се потпирал на ВИ, а не само на проверка на граматика, лектура или мали измени. Само 40% од вработените сметале дека претпоставените се искрени кога користат високо ниво на ВИ помош, во споредба со 83% за пораки со минимална ВИ асистенција.

„Во одредени случаи, пишувањето со помош на АИ може да ја наруши перцепцијата за особини поврзани со довербата во претпоставениот,“ додал Комен.

Перцепцијата на вработените зависела и од целта на пораката. Кога мејлот имал исклучиво информативен карактер, вработените генерално позитивно го оценувале користењето на ВИ. Меѓутоа, кога пораката имала емоционална, мотивациска или релациска цел, спремноста да се прифати била значително помала.

Студијата, сепак, има свои ограничувања – заклучоците се изведени врз основа на само едно хипотетичко сценарио, а на перцепцијата на учесниците можела да влијае и самата природа на односот на моќ помеѓу вработен и претпоставен.

И покрај тоа, резултатите се совпаѓаат со претходни истражувања кои покажуваат дека користењето на ВИ во професионално опкружување може да ја наруши репутацијата, а некои понови наоди укажуваат дека вработените кои јавно признаваат дека користат ВИ можат да го изгубат довербата на своите колеги.

Извор – bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.