Практичното искуство – клучно за професионален успех
Јанковски го започна разговорот со осврт на својот професионален пат, нагласувајќи ја клучната улога на образованието и практичното искуство стекнато во странство. „Дел од школувањето ми беше тука, дел надвор. Тоа искуство од странство е многу базирано на пракса. „Кејсовите“ од реален свет, проблемите со кои се соочуваат фирмите, навистина те ставаат во возачкото седиште да носиш одлуки, да правиш промени и да ги предвидуваш последиците. Тоа е неопходно“, објаснува Јанковски.
Тој потенцира дека македонскиот образовен систем често е повеќе теоретски, за разлика од праксата која е суштинска за развојот на кадри. „На почетокот, новите вработени повеќе учат и добиваат од фирмата отколку што придонесуваат. Моите искуства во различни индустрии и фирми ми оставија некаков печат на она што го правам сега. Се почнува со многу техникалии, но на крајот, работата е секогаш со луѓе. Луѓето се број еден и работата со нив е најдинамична и најинтересна, без разлика дали се тоа колеги, вработени, партнери или надворешни соработници“, вели Јанковски.
Иновации и дигитализација во децениски бренд
Како одговорен за внесување иновации во Дајнерс, Јанковски се соочува со голем предизвик. „Иновацијата секаде е предизвик. Бренд кој постои 75 години глобално и 30 години во Македонија дефинитивно треба да се менува за да биде во тек со пазарот. Но, важно е да се задржи и надгради традицијата и лојалноста што веќе ги имаме“, истакнува тој. За него, иновацијата не е само бркање попусти или технологија заради дигитализација, туку додавање вистинска вредност која се комбинира со оперативната работа, бизнис моделот и вредностите на брендот.
Еден од првите чекори по преземањето на функцијата била дигитализацијата на многу процеси. „Многу од процесите беа, а можеби и сѐ уште се, рачни и механички. Мораше многу да се дигитализира. Но, пак ќе кажам, луѓето се пресудни. Дури и да сакате да спроведете дигитализација, луѓето се тие кои треба да го прифатат и спроведат. За среќа, имаме квалитетни луѓе, не само во Дајнерс туку и во бизнис секторот во Македонија“, вели Јанковски.
Дајнерс се стреми да се позиционира како пружател на финансиски дигитални услуги, надминувајќи ја улогата на само кредитна картичка. „Постои кредитна картичка, постои портфолио на клиенти и бидејќи е финансиска услуга, може добро да се искомбинира со останати сектори – банкарски, осигурителен, брокерски. Има широко поле за играње и на добар пат сме да го реализираме тоа“, додава тој.
Короната – катализатор на дигиталната трансформација и фокус на корисникот
Пандемијата со КОВИД-19 одиграла клучна улога во забрзувањето на дигиталната трансформација во Дајнерс. „Короната беше пресврт за 90% од бизнисите. Ние во 2020 и 2021 година ги затворивме дури и нашите филијали поради тешкотиите во работењето. Имавме мобилна апликација и претходно, но тогаш проактивно почнавме да ја надградуваме и да инвестираме во неа“, вели Јанковски. Тој објаснува дека развојот е континуиран процес, каде што се решаваат една потреба, па се појавува нова, со цел да се одговорат на интерните бизнис потреби и на надворешните барања на потрошувачите.
„Постојат многу добри примери за мобилни апликации во Европа и Америка кои нудат огромен сет на финансиски услуги со леснотија на користење и пристап до информации. Тоа ни е водилка. Имаме две-три фирми и апликации кои ни се ѕвезда водилка и се трудиме да ги следиме и имитираме“, открива Јанковски.
Тој нагласува дека апликацијата не служи само за извршување услуги, туку и како канал за комуникација и информирање на корисниците. „Важно е да ги добиеме информациите спакувани на едно место. Тоа е одличен начин да влијаеме на тоа колку населението знае, колку треба да знае за да донесува информирани и одговорни одлуки, наместо да се раководи по нечии туѓи мислења. Иако фразата ’финансиска писменост‘ звучи клише, реалноста е дека ни требаат информации од релевантен извор, од некој кој знае што зборува и не дава информации само за да привлече клиент“, подвлекува Јанковски.
За Дајнерс, информираните клиенти се предуслов за успех. „Мислам дека тоа е предуслов за секој бизнис – да бидат транспарентно информирани. Треба да се биде доволно транспарентен за да се створи доверба и лојалност помеѓу корисникот и фирмата. И тоа не мора секогаш да биде мобилна апликација, може да биде преку различни канали. Финансиската писменост е неопходна, особено во Македонија. Верувам дека би имало многу поголем ефект доколку сите директни и индиректни учесници во финансискиот свет посветат време, внимание и буџет за заедничка програма за финансиска писменост, почнувајќи од основните постулати“, порачува Јанковски.