Во втората фаза од работата на LHC, истражувачите судирале атоми на олово со речиси светлосна брзина. Резултатот? За дел од секунда, биле создадени околу 86 милијарди златни јадра – што вкупно изнесува само 29 трилионити делови од грам. Звучи спектакуларно, но и помалку разочарувачки: златото што го создадоа исчезнало речиси веднаш, распрснувајќи се при контакт со ѕидовите на судирачот.
Процесот што ја овозможил оваа „алхемиска магија“ се нарекува електромагнетна нуклеарна трансмутација – при судирот, на атомите на олово им биле отстранети три протони, со што тие се трансформирале во атоми на злато. Но, ова злато траело пократко и од трепнување и не може да се собере – дури ни во форма на златна прашинка.
Сепак, ова откритие не е без значење. Напротив, претставува потврда за извонредната прецизност и моќ на детекторот ALICE (A Large Ion Collider Experiment), кој успева да регистрира и најситни и најретки честички дури и во најекстремни услови.
„Иако не пронајдовме начин како да ги збогатиме рудниците, ги отворивме вратите кон подлабоко разбирање на материјата и универзумот,“ изјавија научниците вклучени во овој пионерски проект.
Оваа необична научна епизода делува речиси како омаж на вечниот човечки сон за хризопеја, древните алхемиски вештини на создавање злато од безвреден метал, која со векови ги фасцинирала умовите на алхемичарите. Денешната наука, иако поткрепена со математика, физика и висока технологија, останува длабоко поврзана со нашите најстари прашања и соништата за трансформација и на светот, и на самите себе.
Извор: Freepik, Unsplash
А можеби, барем на миг, токму тука, меѓу забрзани честички и блесоци од енергија, алхемијата конечно го доби своето научно утврдување.
Како што пишува и ScienceAlert, ова претставува уште еден доказ за тоа колку современата наука, иако често апстрактна и тешко сфатлива, е навистина фасцинантна – и можеби поблиска од кога било досега до големите човечки соништа од минатото.
Извор: Bizlife.rs