Според прогнозата на компанијата за истражување на реклами eMarketer, за првпат по неколку децении, следната година Google нема да го контролира поголемиот дел од американскиот пазар на пребарување.
Гигантот ќе остане најголем играч во пребарувањето, задржувајќи 48 проценти од уделот на американските приходи од рекламирање на интернет. Google сè уште расте во однос на продажбата во тој сектор, со оглед на тоа што е доминантен во пребарувањето уште од раните денови на администрацијата на Џорџ Буш. Сепак, Amazon расте побрзо.
Amazon следната година ќе контролира скоро една четвртина од американските долари за рекламирање на интернет – бројка која ќе порасне на 27 проценти во 2026 година, додека уделот на Google ќе продолжи да паѓа, предвидува eMarketer.
Прогнозата прв ја објави Wall Street Journal. Не плашете се дека ќе мора да почнете да користите Bing или Yahoo, бидејќи ова не е крајот на Google.
Извор: Freepik
Вредноста на Google и заканите
Google е четвртата највредна јавна компанија на планетата. Со 2,1 билиони долари, нејзината пазарна вредност заостанува само зад Apple, Microsoft и Nvidia. Заедно со матичната компанија на Facebook, Meta, Google е сè уште е доминантна на други пазари, вклучувајќи ги дисплеј рекламите и видео рекламите преку YouTube, пишува CNN.
Сепак, Google се соочува со повеќе закани по своето работење, особено од антимонополските регулатори.
Сојузен судија во Сан Франциско пресуди дека Google мора да ја отвори својата Google Play продавница за конкуренцијата – огромен удар за компанијата во нејзината долготрајна битка со производителот на Fortnite, Epic Games. Гигантот рече дека ќе поднесе жалба на пресудата.
Компанијата изгуби уште една пресуда во август, кога сојузен судија утврди дека Google управува со нелегален монопол во пребарувањето. Таа одлука би можела да доведе до конечно распаѓање на деловниот модел на компанијата за пребарување. Уште една антимонополска борба, која започна минатиот месец, го обвинува технолошкиот гигант за злоупотреба на својата доминација на пазарот на онлајн рекламирање.
Во меѓувреме, европските регулатори го натераа Google да се придржува до строгите нови правила, чие прекршување доведе до повеќекратни казни од милијарди долари. Згора на тоа, самиот пазар станува сè поголем предизвик.
Извор: Pixabay
Конкуренцијата во пребарувањето
TikTok, најбрзо растечката социјална мрежа, влегува во бизнисот со пребарување. А Amazon направи нешто што ретко кој технолошки гигант успеа досега: создаде навика.
Кога сакате да купите нешто, обично одите на Amazon, а не на Google. Потоа, Amazon продава реклами за да ги издигне производите на компаниите на врвот на вашите резултати од пребарувањето, давајќи им на тие производи дополнителен поттик во продажбата, додека Amazon заработува сè поголем дел од приходите. Во САД се предвидува дека следната година ќе донесе 278 милијарди долари приходи од пребарувањето, што е второ место по 629 милијарди на Google, според eMarketer.
Влијанието на вештачката интелигенција (ВИ)
А тука е и ВИ технологијата, која наводно ќе го смени сето тоа. Google токму сега работи на оваа технологија со својот производ Gemini, но неговиот успех воопшто не е загарантиран, особено со оглед на партнерството на Apple со OpenAI и другите компании кои брзо навлегуваат на пазарот.
Портпаролот на Google посочи на објава на блогот на компанијата, во која најавија реклами во своите прегледи за вештачка интелигенција (оние делови на текст генериран од ВИ кои се појавуваат на врвот на резултатите од пребарувањето). На овој начин Google кажува дека може да профитира од пазарот кој се менува, одржувајќи го своето работење, дури и кога клиентите постепено се префрлаат на вештачка интелигенција и се оддалечуваат од пребарувањето.
Гигантот долго време се бранеше од критичарите кои велат дека е монопол во злоупотребата на својата моќ со една впечатлива фраза: Конкуренцијата е само еден клик оддалечена. Дали ќе преминеме на Bing? Или на Duck Duck Go?
За Google не постои закана од исчезнување. Но, сите доминантни компании имаат некаква сметка за плаќање со текот на времето. Sears прогласи банкрот во 2022 година и практично е надвор од бизнисот. US Steel, некогаш столбот на американската индустрија, сега се обидува да се продаде на јапонска компанија.
Извор: Bizlife.rs