Најголемата светска продавница за накит по обем на продадени производи, Pandorа, одлучи да престане да користи ископано сребро и злато и да користи само рециклирани благородни метали во производството на накит. На тој начин се троши помалку енергија за производство со цел да се намалат емисиите на јаглерод диоксидот и загадувањето.
Според годишниот извештај на данската компанија, таа купува околу 340 тони сребро и еден тон злато секоја година, а за време на производствените процеси испуштила 264.224 тони јаглерод диоксид (CO2) во 2022 година, објави Ројтерс.
Со користење на рециклирани наместо ново ископани метали, Pandorа, позната по нараквиците со привезоци, ќе ги намали индиректните емисии за околу 58.000 тони годишно, изјави нејзиниот потпретседател Мадс Твоми Медсен.
Контролирањето на потеклото е напорна работа
Синџирите за снабдување со рециклирани благородни метали претставуваат ризик бидејќи украдено злато може да се продаде како отпад за рециклирање, но и затоа што е тешко да се докаже потеклото на металот откако ќе се стопи. За да ги ублажи ризиците, „Пандора“ одлучи да го користи стандардот развиен од светскиот Responsible Jewellery Council, кој ги исклучува златните монети и златните прачки како извор на рециклирано злато, наведува британската агенција.
Pandora, која продаде 103 милиони парчиња накит во 2022 година, произведува накит во две фабрики во Тајланд, а трета ја гради во Виетнам.
И конкурентите на Pandora како Monike Vinader и Misome, исто така ја нагласуваат нивната 100% употреба на рециклирано сребро и злато. Ројтерс известува дека металните рафинерии го рециклираат среброто од индустриските катализатори, рендгенските зраци, електронската опрема и старите сребрени садови, а рециклирано злато добиваат од отпадот од производството на накит, како и од стариот накит.