Пластика – невидливиот непријател на нашата планета

Oваа година во Република Кореја ќе се одржи петтиот круг разговори со цел да се постигне правно обврзувачки меѓународен договор за ставање крај на загадувањето со пластика.

plastika-2222-fi

Извор: Canva

Овие преговори се одвиваат во време кога загадувањето со пластика достигнува алармантни размери, загрозувајќи ги кревките екосистеми, влошувајќи ги климатските промени и изложувајќи ги луѓето на штетни хемикалии, пишува UNEP.

Секоја година, во светот се произведува околу 430 милиони тони пластика, од кои поголемиот дел подоцна станува отпад. Сè поголемото „море“ од пластичен отпад не само што ѝ наштетува на природата, туку и придонесува за глобалниот проблем со климатските промени, а истовремено го зголемува ризикот од изложување на луѓето на штетни материи.

Еден од клучните елементи во борбата против овој проблем е пристапот познат како „животен циклус“ на пластиката. Овој концепт оди подалеку од рециклирањето и има за цел да го намали негативното влијание на пластиката врз животната средина во секоја фаза од нејзиниот животен циклус, од производството, преку употребата, до отстранувањето. Во март 2022 година, земјите членки на Обединетите нации се согласија да работат на меѓународен договор за намалување на загадувањето со пластика, кој ќе го вклучува овој пристап.

„Загадувањето со пластика е широко распространет проблем и постојат многу решенија, како избегнување на пластиката за еднократна употреба, до обезбедување подолготрајна употреба на пластиката преку системи за рециклирање, и подобро управување со отпадот и рециклирањето,“ изјави Шила Агервал-Кан, директорка на Одделот за индустрија и економија во Програмата на Обединетите нации за животна средина (UNEP). „Рециклирањето, само по себе, нема да нѐ извади од кризата со загадувањето со пластика. Нас ни е потребен комбиниран пристап што функционира во тандем низ целиот животен циклус на пластиката за да имаме свет без загадување со пластика.“

Зошто загадувањето со пластика е толку штетно? Производите од пластика често содржат хемикалии кои се додаваат за да обезбедат функционалност. Некои од овие хемикалии можат да бидат штетни за здравјето и животната средина, а во зависност од начинот на производството, употребата и отстранувањето, тие може да завршат во почвата, подземните води, морињата, па дури и во човечкото тело. Дополнително, производството на пластика е одговорно за повеќе од 3% од глобалните емисии на стакленички гасови, што дополнително ја влошува климатската криза. Сето ова го прави загадувањето со пластика двигател на тројна планетарна криза — климатски промени, губење на природата и биодиверзитетот и загадување.

Животниот циклус на пластиката го опфаќа секој чекор од нејзиното постоење, од екстракција на суровините, нивната преработка во производи, па сè до употребата и отстранувањето. Во повеќето случаи, приказната за пластиката започнува во земјата, каде што нафтата и гасот, кои се основни суровини за повеќето производи од пластика, се вадат од земјата и се испраќаат во рафинерии. Таму тие се преработуваат во пластични полимери, кои потоа се обликуваат во производи како што се шишиња за вода, амбалажа за пакување на храна и пијалаци, рибарски алатки и производи за земјоделство или транспорт. По нивната употреба, овие производи обично завршуваат на едно од четирите места: депонија (често на неконтролирано сметиште), печки за согорување, центар за рециклирање или повторна употреба, или на најштетното, во животната средина.

Пристапот „животен циклус“ на пластиката има за цел да ги ограничи потенцијалните проблеми што производите од пластика можат да ги предизвикаат во секоја фаза од нивното постоење, од производството до отстранувањето. Истражувањата на UNEP покажуваат дека постојат многу работи што владите и компаниите можат да ги направат за да ја постигнат оваа цел. На пример, земјите можат да ја забранат или ограничат употребата на производи од пластика за еднократна употреба или да го поттикнат развојот на еколошки алтернативи. Владите, исто така, можат да воведат неопходни правила кои ќе им сигнализираат на производителите да го намалат или елиминираат производството на пластика за еднократна употреба, како и да ги променат дизајните на производите со цел да обезбедат долготрајност и можност за рециклирање.

Зошто овој пристап има клучна улога? Пластиката е длабоко вкоренета во нашите животи и економии, а загадувањето со пластика продолжува да расте. Истражувањата покажуваат дека пристапот „животен циклус“ на пластиката може да им заштеди на владите 70 милијарди американски долари во трошоците за управување со отпадот, како и 4,5 трилиони долари во социјалните и еколошките трошоци до 2040 година. Исто така, ваквиот пристап би можел значително да ја намали количината на пластика што завршува во океаните.

Овие придобивки може да се постигнат со примена на пристапот „животен циклус“ за поставување заеднички стандарди за дизајн, создавање пазарни стимулации и проширување на системите за повторна употреба. Пристапот е, исто така, клучен за исполнување на клучните мултилатерални договори за заштита на животната средина, како што се Парискиот договор за климатски промени и Целите за одржлив развој на Обединетите нации.

Иако рециклирањето игра важна улога, тоа само по себе не е доволно за да се стави крај на кризата со загадувањето со пластика. Всушност, речиси 80% од пластиката во производите за еднократна употреба не е економски исплатливо за рециклирање. Причината за тоа може да биде типот на полимер кој што се користи за производство, недостатокот на соодветна инфраструктура за рециклирање, употребата на штетни адитиви или комбинацијата на различни материјали во еден производ.

Со цел постепено да се укине и евентуално да се стави крај на загадувањето со пластика, потребно е да се комбинираат повеќе решенија низ целиот „животен циклус“ на пластиката. Тоа е единствениот начин да се соочиме со овој глобален предизвик и да обезбедиме свет без загадување.

Извор: Odrzime.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.