Вкупните глобални капацитети на енергија од ветер надминаа 1.000 гигавати, се наведува во годишниот извештај на Светскиот совет за енергија од ветер (Global Wind Energy Council – GWEC).
Повеќе од 50 земји на сите континенти изградиле нови ветроелектрани, но Кина повторно е водечка со 65 проценти од новите инсталации.
Со новите ветропаркови во Африка и на Блискиот Исток капацитетите се зголемени во споредба со 2022 за 182 проценти.
Во извештајот се истакнува Кенија, која веќе добива 17 проценти од електричната енергија од ветер и планира нова ветроелектрана со капацитет од еден гигават која ќе почне да работи во 2028.
Минатата година била најдобра кога станува збор за ветроелектрани на копно, со 106 гигавати нови капацитети, додека капацитетите на море се зголемени за 10,8 гигавати.
Сепак, тој раст не е доволен, наведува GWEC и додава дека годишниот раст на индустријата за ветроенергија мора да се зголеми на 320 гигавати до 2030, за да се исполнат целите на Климатската конференција на ОН (COP28) и да се запре глобалното загревање на под 1,5 степени.
„Растот е високо концентриран во неколку големи земји како што се Кина, САД, Бразил и Германија, и потребно е уште многу земји да ги отстранат бариерите и да ги подобрат пазарните услови за зголемување на ветроинсталациите“, изјавил извршниот директор на GWEC Бен Беквел.