Љубителите на Олимписките игри пристигнаа во Кортина со тешки зимски палта и ракавици. Но во неделата, палтата беа откопчани, ракавиците завршија во џебовите, а снегот се топеше од покривите. Јасни знаци на свет што забрзано се загрева.
„Дефинитивно мислев дека ќе ги носиме сите слоеви“, вели Џеј Такер, кој пристигнал од Вирџинија да ја бодри репрезентацијата на САД и кој однапред купил грејачи за раце и термо чорапи. „Немам ни ракавици.“
Времето на доаѓање на зимата, количината снег и температурите стануваат сè понесигурни и понепредвидливи додека планетата се затоплува со рекордна брзина, вели Шел Винкли, метеоролог од организацијата Climate Central. Ова претставува сè поголем и посериозен предизвик за организаторите на зимските спортови. Меѓународниот олимписки комитет минатата недела соопшти дека, поради порастот на температурите, во иднина би можел да го помести почетокот на Зимските олимписки игри од февруари во јануари.
Иако почетокот на ЗОИ 2026 во Кортина имаше вистински зимски амбиент, бидејќи градот беше покриен со обилен снег, температурата во неделата попладне достигна околу 4,5 степени Целзиусови. На сонце беше уште потопло.
Ваква февруарска „топлина“ денес е најмалку трипати поверојатна поради климатските промени, додава Винкли. Во период од 70 години откако Кортина првпат беше домаќин на Зимските игри, февруарските температури таму пораснале за 3,6 степени Целзиусови.
Соочување со различни климатски услови во градовите-домаќини
За игрите Милано–Кортина ситуацијата е дополнително сложена. Ова се просторно најраспространетите Зимски олимписки игри во историјата, а спортските борилишта се наоѓаат во области со многу различни временски услови. Бормио и Ливињо, на пример, се оддалечени помалку од еден час возење, но ги разделува висок планински превој кој климатски може целосно да ги разликува двете места.
Организацискиот одбор тесно соработува со четири регионални и покраински јавни метеоролошки служби. Поставени се метеоролошки сензори на стратешки точки на натпреварувањето, вклучувајќи ги областите близу скокалниците, долж патеките за алпско скијање и на стрелиштето за биатлон.
Таму каде автоматските станици не можат да ги соберат сите релевантни податоци, одборот има набљудувачи „научници за снег“ од тие агенции, подготвени да прибираат податоци, објаснува Матео Пасоти, метеоролог во организацискиот одбор.
Се надеваат на ведро небо, слаб ветер и ниски температури за време на натпреварувањето, како би се обезбедила добра видливост и зачувал снежниот покривач.
Но реалноста е поинаква:
„Всушност е прилично топло. Очекувавме да биде многу постудено“, вели Карли Полицијани, Американка која живее во Милано. Таа е во Кортина со својот татко, кој во неделата размислуваше да излезе надвор само во дуксер.
Прогнозите укажуваат дека пред олимписките натпревари има уште денови со температури над просекот, додава Пасоти, пренесува Euronews Green.
Времето може значително да влијае врз олимписките натпревари
Временските услови имаат клучна улога во непреченото одвивање и безбедноста на зимските спортски дисциплини, вели Филипо Баќанелја, директор за спортски услуги и планирање во организацискиот одбор. Високите температури можат да влијаат врз квалитетот на снежната подлога на алпските патеки, а добрата видливост е од пресудно значење. Влажноста и топлото време можат да влијаат и на квалитетот на мразот во затворените арени и на патеките за санкање.
Видливоста и ветерот се двата фактори кои најчесто предизвикуваат промени во распоредот на натпреварите, додава Баќанелја. Ветерот може да биде безбедносен ризик или прашање на фер-плеј, како во биатлонот, каде и најмала промена може да го наруши прецизното гаѓање.
Американската алпска скијачка Џеки Вајлс изјави дека многу трки оваа година биле предизвикувачки токму поради временските услови.
„Мислам дека сме прилично добри во тоа да останеме фокусирани, бидејќи многу спортисти тоа веднаш ги изместува од ритам“, рече таа минатата недела на прес-конференција. „Со тој начин на размислување дека ќе биде како што ќе биде ние мораме да излеземе и да се бориме со сета сила, без разлика на сè.“
Извор: odrzime.rs