Вработени мајки: Што би сакале да знаете
Многу мајки работат првенствено од економски причини, а многу од нив навистина сакаат да работат, без оглед на основниот мотив. Чувството дека сте корисни и дека придонесувате и за своето семејство и за светот околу вас е незаменливо и мотивирачко. А секоја ситуација, стабилна или нестабилна, може да се промени во секој момент. Чувството на придонес и компетентност е суштински дел од човечката вредност, исто како и родителството.
А вработените мајки се најзадоволни кога работат во средина што го поддржува родителството. Шефови и шефици кои самите се родители, обично имаат разбирање за специфичните предизвици на вработените мајки. Но кога надредените не се родители, ситуацијата може да биде сложена.
Имаме различни приоритети и тоа е во ред
Кога работите со други жени, вашите животни и кариерни фази може да се разликуваат, дури и кога сте на исти позиции. Некои дури сега ја градат својата кариера и амбициите им се насочени нагоре, некои се во фаза на опоравување и лекување, трети се во виорот на мајчинството, грижата за други или нешто помеѓу. И токму таа разноликост е вредна и инспиративна.
Сепак, за вработените мајки, децата се на прво место. И додека се трудат да бидат присутни и посветени на работата, дел од нив секогаш е свртен кон домот и е подготвен да реагира. Тоа не значи дека се расеани или неефикасни тоа значи дека со себе носат многу и се појавуваат со сè што држат во своите раце. Со други зборови мајките никогаш не престануваат да бидат мајки, дури ни на работа. Тоа не е нешто што се „исклучува“. Мајчинството е дел од нивниот идентитет, нивната острина и фокус, нивната грижа и посветеност.
Мајките се поискусни во организацијата
Кога мајка ќе побара состанокот да почне 30 минути подоцна за да стигне да го однесе детето во градинка или училиште таа не бара услуга, туку услови во кои подобро ќе функционира како вработена мајка.
Мајките знаат дека работата им е важна, но не и најважна. Ќе земат слободен ден кога децата се болни или кога имаат распуст, за да бидат со нив. Во меѓувреме, ќе го дадат максимумот на работа и ќе ги исполнат очекуваните резултати само со мала адаптација на работниот распоред.
Вработените мајки се подобри работници
И повторно доаѓаме до моментот кога звучи како да се тврди дека мајките се „повеќе луѓе од другите“. Не затоа што се поважни, туку затоа што мајчинството навистина е одличен тренинг за организација, приспособливост и ефикасност. Мајките толерираат одвлекувања на вниманието, умеат да го делат фокусот, но и да се сконцентрираат како под ласер кога имаат простор.
Мајчинството ве води кон ново самопознавање. Го губите дел од себе, за потоа повторно да се најдете ,поцврсти, попрактични, позрели. Подобро ги познавате своите граници и ресурси, го почитувате туѓото и сопственото време, подобро управувате со обврски.
Флексибилност со управување на работното време
Како што напредуваат во мајчинството, мајките стануваат помалку анксиозни и посамоуверени. Тоа ги прави подобри личности, родители и работници. Балансот помеѓу животот и работата го зголемува квалитетот на сè што прават.
Шефовите би можеле многу да научат од психологијата на мајките. Ако им дозволат да работат кога се најфокусирани и најпродуктивни, тие ќе постигнат повеќе. Кога имаат слобода да се грижат за себе и семејството, да присуствуваат на приредби без паника или вина се враќаат на работа со повеќе енергија, концентрација и ефективност.
Не ги ставајте мајките пред избор
Ако ги ставите мајките пред избор, работа или деца, тие секогаш ќе ги изберат децата. Тајната е да не ги ставате пред тој избор. Тој избор не е фер и не треба да постои. Дајте им поддршка, а тие ќе бидат вашите најлоијални и највредни вработени.
Извор – Easylife.rs