Ако можевте да изберете, дали би останале дома поради мајчинството?

Додека на Запад трендот сè повеќе се движи кон ставање на мајчинството на прво место, а останувањето дома и паузата во кариерата стануваат своевидна нова догма, ние сè уште само можеме да сонуваме или барем хипотетички да размислуваме. Ама, со хипотези сè започнува. Можеби еден ден, покрај сите западни влијанија што ни се наметнаа, ќе нè преплават и оние кои со радост би ги прифатиле.

kariera-4698-fi

Извор: The Vault

На пример: останувањето дома како свесен избор и одлука на мајката. Во САД, се повеќе мајки се соочуваат со прашањето: „Дали си доволно мајка за да останеш дома?“ Тие се бунат против системот кој не го плаќа породилното отсуство, бараат работни средини што се пријателски за мајки, избираат работа од дома и нам често ни делуваат размазено. Бидејќи имаат избори кои ние не ги гледаме. Или не сме доволно освестени, храбри и обединети за сами да ги создадеме и спроведеме.

Останувањето дома не е опција за жените-суперхероини

Во Америка, ситуацијата е ваква: стресот што родителите го доживуваат и пренесуваат на децата, директно или индиректно, има дестабилизирачко влијание врз семејството и заедницата, но родителството и понатаму се смета за „споредна работа“, помалку важна и вредна. Тоа ни е добро познато и целосно резонира со начинот на живот што го живееме и ние.

Иако американските татковци се повеќе од кога било вклучени во одгледувањето на децата и грижата за домот, културните норми и очекувањата сè уште најголемиот товар го префрлаат на мајките. Веројатно токму затоа би се разбрале одлично со преоптоварените американски мајки од кои се очекува да бидат успешни во сите животни улоги.

Па што е тогаш различно? Американските мајки ја препознаа пропагандата за „жената-змеј“ и се обидуваат да ја отфрлат. Самостојни, свесни, силни и храбри жени не можат (и не треба) сè да прават сами. Им треба поддршка, помош, заштита, разбирање, на емоционално, практично, материјално, социјално и економско ниво. Тоа не ги прави помалку силни и независни, туку напротив. Ги прави поотпорни на наметнатите идеали за супер-жени и супер-мајки со супер-моќи.

Кај нас, пак, сè уште живееме во ерата на жените-змејови и се гордееме со своите „моќи“ да го задржиме духот,  додека паѓаме од умор. Ги преживуваме сите можни стресови на нозе, никогаш не одиме на боледување бидејќи тоа значи намалена плата, па земаме одмор само кога веќе не можеме да издржиме.

Понекогаш, единствените хармонични моменти во денот ги имаме на работа, бидејќи дома сме уште пооптоварени, балансираме меѓу тројно повеќе обврски и очекувања. Понекогаш си велиме: „Зошто ми беше сето ова потребно?“ Често чувствуваме вина што не поминуваме доволно време со своите деца, бидејќи мора да работиме. И си помислуваме: ако би имале избор, со радост би останале дома.

Од домаќинка до деловна жена и повторно назад?

Дали еволутивно направивме цел круг? Излеговме од кујната, ги запишавме децата во јасли и започнавме да градиме кариера. Но, никогаш не престанавме да бидеме домаќинки, само зедовме уште една цела работа плус. Сакавме образование, кариера, самостојност, чувство на вредност и еднаквост. И излезе дека сето тоа бара „баланс помеѓу работа и приватен живот“ кој најчесто останува само фраза во наводници. Самата борба за тој баланс станува уште еден извор на исцрпеност, емоционално и физички.

Вклученоста на современите сопрузи не е доволна. Двајца луѓе што работат по осум часа дневно (плус најчесто еден или два часа патување) реално не можат да се грижат за дете и да завршат сè што треба да се заврши во еден ден. Колку и да делат обврски и се разбираат, потребна е поддршка однадвор. Организирана, системска, конкретна. Поддршка од општество што е сензибилизирано на потребите на семејството, не само од неговите членови.

Американките тоа го сфатија. Можеби полека и ние. Дали останувањето дома по избор (а не затоа што жената нема друг избор) е враќање на улогата на домаќинка? Но, на понапреден, освестен начин. Начин што вели: „Правам пауза во кариерата, затоа што моето дете ми е најважно и не сакам да ги пропуштам најзначајните моменти од неговиот развој поради работа.“

Па, кога би можеле да изберете што би одбрале?

Што ако го имате целиот систем зад себе, поддршка, финансиска сигурност, разбирање и не морате да заработувате за вашето семејство да преживее? Дали би направиле пауза?

Извор – easylife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.