Не ви треба дигитална детоксикација: Bloomscrolling всушност може да ве направи посреќни

На сите ни е добро познато чувството или целосното отсуство на чувство – на губење време на телефонот. Земете да проверите само една работа и пред да се освестите, веќе сте потрошиле цел час од животот листајќи TikTok или Instagram. Некаде помеѓу фотографиите на пријателите од одмор, препораките за нега на кожа и некој занимлив наслов, сте упаднале во временска дупка. Оваа навика стана толку вообичаена што доби и свое име: doomscrolling. Но, бидејќи сите работи имаат своја спротивност, за волја на космичката рамнотежа, постои и bloomscrolling.

bloomscrolling-6045-fi

Извор: Lummi/Mariana Pedroza

Doomscrolling се однесува на бесцелно скролање при кое консумирате мешавина од негативни вести, онлајн драми и објави насочени кон споредување. Она што започнува како брза проверка на социјалните мрежи, може лесно да се претвори во анксиозност, расејаност или исцрпеност.

Кога станува збор за социјалните мрежи, повеќето луѓе мислат дека постојат само две опции. Можете да продолжите со скролањето или целосно да престанете и да спроведете радикална дигитална детоксикација. Но, постои начин да ги користите социјалните мрежи во сопствена корист. Запознајте го bloomscrolling-от.

Како bloomscrolling работи во ваша корист

Што е bloomscrolling?

Тоа е пракса на намерно ангажирање со содржини (коментирање објави, следење профили) кои ве оставаат инспирирани. Дознавате нешто ново и ги обновувате надежта и енергијата. Додека пасивното консумирање на она што алгоритмот ви го нуди ве исцрпува, bloomscrolling-от ве поттикнува.

Тој ви помага да „процветате“, како што сугерира и самото име (bloom – цветање). Скролањето со стратегија осигурува дека алгоритмот ќе ви доставува содржини кои ќе ви го подобрат животот. И не мора да ги блокирате сите информативни канали, но можете свесно и намерно да ги урамнотежите со едукативни и поттикнувачки содржини.

Зошто е важно она што го консумирате на мрежата

Повеќето од нас секојдневно поминуваат часови консумирајќи содржини без размислување. Ретко застануваме да промислиме како некоја содржина влијае врз нас. А таа влијае исто како и храната во зависност од квалитетот, може да направи да се чувствуваме сити и задоволни или превртани и подуени.

Кога постојано јадете дигитален еквивалент на брза храна, со текот на времето почнувате да се чувствувате анксиозно, немотивирано, под стрес. Содржината што редовно ја консумирате може да го обликува вашиот начин на размислување, емоциите, перспективата и расположението. Предизвикот е во тоа што платформите на социјалните мрежи се дизајнирани да нè натераат да скроламе. Алгоритмите им даваат приоритет на содржините што привлекуваат внимание. И така, несвесното брзо скролање може да се претвори во час кој го чувствувате како загуба.

Меѓутоа, содржината што буди љубопитност, креативност или благодарност има исто толку силно позитивно влијание. Гледањето приказни на луѓе кои прават позитивни промени, учат нова вештина, откриваат убави места или наоѓаат практични решенија за секојдневните предизвици може да ја прошири нашата перспектива и да нè потсети дека светот нуди повеќе од најновиот тренд.

Знаци дека ви е потребно освежување

Не сте сигурни дали вашите навики на скролање ви помагаат или ви штетат? Време е да направите проценка на вашиот ангажман на социјалните мрежи. А ова се сигурни знаци дека ви е потребно освежување:

  • Редовно се чувствувате анксиозно, преоптоварено или обесхрабрено по скролањето.
  • Постојано го споредувате својот живот со најважните моменти на другите.
  • Ретко учите нешто ново или откривате идеи кои вистински ве заинтригираат.
  • Следите профили од навика, иако тие повеќе не придонесуваат за вредноста на вашиот живот.
  • Повеќе време поминувате безволно консумирајќи содржина отколку што намерно се занимавате со неа.

Ако нешто од ова ви звучи познато, малку дигитално ослободување можеби е вистинскиот чекор.

Како да започнете со bloomscrolling

Ревидирајте ги вашите социјални мрежи

Првиот чекор е попис на она што веќе го консумирате. Обрнете внимание на тоа како ве тераат да се чувствувате различните профили. Не мора преку ноќ да престанете да ги следите сите, но размислете за исклучување на известувањата (mute) или отстранување на профилите кои постојано ве вознемируваат или нервираат.

Забележете што е она што не ви го поправа расположението, туку ви го влошува. И наместо тоа, следете некои други содржини кои ве опуштаат, забавуваат и ви предизвикуваат насмевка. Ако тоа значи да ви се појавуваат само мачиња и кученца, нека биде така, уживајте во тоа.

Пронајдете содржина која ви помага да растете

Bloomscrolling-от не е само отстранување на негативната содржина, туку и додавање на она што ве храни. Побарајте креатори, едукатори и организации кои се поклопуваат со вашите интереси и вредности. Можеби тоа се експерти за благосостојба, рецензенти на книги, уметници, фотографи или луѓе кои подучуваат практични животни вештини.

Барајте профили што ќе ги следите, но и ангажирајте се со содржината што ви го крева расположението. Така, апликациите на социјалните мрежи ќе ви нудат повеќе таква содржина. Вашиот алгоритам функционира како вашата енергија: на што ќе му го подарите вниманието, од тоа добивате повеќе. Ако се ангажирате и гледате видеозаписи кои ви делуваат инспиративно и ви го подигнуваат расположението, вашиот алгоритам ќе ви покаже повеќе од тоа. Целта е да креирате „фид“ (feed) кој го одразува животот кон кој стремите, наместо бескрајни содржини кои ве привлекуваат на момент, а потоа ве заморуваат.

Bloomscrolling со намера

Пред да ја отворите апликацијата, запрашајте се зошто сте таму. Дали барате инспирација? Се обидувате нешто да научите? Дали се дружите со пријателите? Кога имате одредена намера и цел, помали се шансите да упаднете во бескрајниот циклус на консумирање содржини без размислување.

Урамнотежете ја онлајн инспирацијата со реалниот живот

Социјалните мрежи можат да бидат прекрасен извор на идеи и поврзување, но најдобро функционираат кога го дополнуваат вашиот живот, а не кога го заменуваат. Поминувајте време во природа. Читајте книга. Прошетајте. Испробајте ново хоби. Повикајте пријател. Колку е побогат вашиот офлајн живот, толку е помала веројатноста дека ќе се потпирате на бескрајното скролање за стимулација и исполнување.

Извор: easylife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.