Падот не е спротивност на успехот туку најважен дел

Во светот на бизнисот, неуспехот и понатаму се третира како грешка во системот. Нешто што треба да се избегне, скрие или во најдобар случај брзо да се заборави. Во биографиите го нема, во објавите на LinkedIn уште помалку. А сепак, речиси и да не постои сериозна деловна приказна која не го искусила.

pad-uspeh-5649-fi

Извор: Magnific/creativaimages

Можеби проблемот е во дефиницијата на падот

Ако успехот го замислуваме како праволиниски раст, тогаш падот навистина изгледа како прекин. Но, ако ја погледнеме реалноста и низ искуствата на компаниите и низ истражувањата јасно е дека успехот многу повеќе личи на циклус отколку на линија. А во тој циклус, падот не е спротивност. Тој е фаза.

Не се сите падови исти

Една од поважните дистинкции доаѓа од професорката Ејми Едмондсон од Harvard Business School, која прави разлика помеѓу „интелигентен“ и „глупав“ неуспех.

Интелигентниот неуспех се случува кога тестирате нешто ново, во неизвесни услови, каде однапред не постои точен одговор. Со други зборови кога работите нешто што има потенцијал да ве придвижи напред. Глупавиот неуспех е, од друга страна, резултат на невнимание, игнорирање на фактите или повторување на истите грешки.

Оваа разлика е клучна бидејќи го поместува фокусот: целта не е да се избегне падот, туку да се научи како падот да биде корисен.

Образец кој се повторува (и кој го игнорираме)

Речиси секоја голема компанија поминала низ истиот наратив, иако денес ретко го гледаме во нивните „success story“ верзии.

Apple во деведесеттите беше на работ на банкрот, пред да се врати Стив Џобс и да ја стартува една од најголемите компании во историјата.

Airbnb во раните денови беше одбиван од инвеститори и едвај опстануваше.

Netflix имаше низа стратешки промашувања пред да стане синоним за стриминг.

Она што ги поврзува овие приказни не е отсуството на грешки, туку начинот на кој ги искористиле. Бидејќи образецот е речиси секогаш ист: почетен успех, потоа удар, било одвнатре или однадвор, па учење, прилагодување и дури тогаш постабилен раст. Без тоа „пукање“, нема ни реален напредок.

Зошто падот е всушност неопходен?

Падот има функција која успехот ја нема.

Прво, ја разбива илузијата на контрола. Кога нештата одат добро, лесно е да се поверува дека имаме сè под контрола. Неуспехот нè тера да ги преиспитаме претпоставките кои можеби биле погрешни од самиот почеток.

Второ, го забрзува учењето. Луѓето и организациите најмногу учат кога нешто ќе тргне наопаку, бидејќи тогаш повеќе нема простор за површно разбирање.

Трето, ги филтрира стратегиите. Неуспехот го елиминира она што не функционира и остава простор за она што има потенцијал да опстане.

Оваа логика е блиска и до концептот „growth mindset“, кој го разви Керол Двек,  идејата способностите да не се набљудуваат како фиксни, туку како нешто што се развива низ обиди, грешки и прилагодување.

Како го толкуваме падот?

Парадоксот е во тоа што неуспехот сам по себе не е ни добар ни лош. Неговата вредност зависи од интерпретацијата. Ако се доживее како личен пораз води во стагнација. Ако се набљудува како информација – води во напредок.

Истото важи и за компаниите. Оние кои ги казнуваат грешките создаваат култура во која луѓето играат на сигурно. А играњето на сигурно ретко води кон иновација. Наспроти тоа, организациите кои ги анализираат грешките, без драматизација, но и без игнорирање, градат отпорност.

Можеби е време да редефинираме што всушност значи да се биде успешен во бизнисот. Не се работи за тоа да го избегнете падот. Тоа е невозможно. Се работи за тоа колку брзо учите, колку сте подготвени да го прилагодите правецот и колку добро ја поднесувате неизвесноста. Во таа смисла, отпорноста станува поважна од совршенството.

Бидејќи успехот не е линија која оди нагоре. Тој повеќе личи на низа обиди кои повремено пукаат, но секој пат оставаат нешто што следниот обид го прави подобар. Падот, значи, не е момент кога приказната застанува. Тоа е моментот кога престанува да биде илузија и почнува да биде вистинска.

Извор: bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.