Netflix го враќа култниот класик: Новата „Мала куќа во преријата“ не е римејк каков што очекувавте

Речиси 50 години откако оригиналната серија ја освои публиката ширум светот, „Little House on the Prairie“ повторно се враќа на малите екрани. Новата адаптација на Netflix не се обидува да ја копира култната серија од седумдесеттите години, туку се враќа кон романите на Лора Ингалс Вајлдер и носи приказна што е историски поверодостојна, поемотивна и прилагодена на современата публика.

netflix-6068-fi

Извор: Unsplash/boliviainteligente

Враќање на една од најомилените семејни приказни

Netflix на 9 јули ги премиерно ги објави сите осум епизоди од првата сезона на серијата Little House on the Prairie, базирана на истоимениот серијал романи на Лора Ингалс Вајлдер. Иако насловот и ликовите будат носталгија кај генерациите кои пораснаа со телевизиската адаптација емитувана од 1974 до 1983 година, авторите нагласуваат дека ова не е нејзин римејк.

Шоуранерката Ребека Соненшајн сакала да се врати кон оригиналните книги и приказната да ја раскаже од перспективата на младата Лора, токму како што тоа го направила и авторката. Поради тоа, новата серија повеќе наликува на нова екранизација на книжевниот класик отколку на модернизирана верзија на старата телевизиска серија.

Пореалистичен поглед на американскиот Запад

За разлика од оригиналната серија, која често го идеализираше животот на пионерите, адаптацијата на Netflix многу поотворено ги прикажува предизвиците на животот на американската граница во втората половина на 19 век.

Покрај секојдневната борба за опстанок, серијата ги обработува и историските околности во кои семејството Ингалс пристигнува на територија населена од народот Осејџ. Новите ликови од домородната заедница имаат свои приказни и значајна улога во дејството, со што авторите настојуваат да понудат посложена и пореална слика за американската историја отколку што тоа беше случај во претходните адаптации.

Лора и понатаму е срцето на приказната

Иако серијата има посериозен тон, во нејзиниот центар и понатаму е Лора Ингалс – љубопитно девојче кое светот околу себе го гледа искрено, храбро и без предрасуди.

Ликот на Лора го толкува младата Алис Холси, додека Чарлс и Каролин Ингалс ги играат Лук Брејси и Крозби Фицџералд. Во актерската екипа се и Скајвокер Хјуз како Мери Ингалс, Ворен Кристи како господин Едвардс и Џоко Симс како доктор Џорџ Тан.

Ја задржува емоцијата, но ја менува перспективата

Авторите не сакале да го отфрлат она поради што „Мала куќа во преријата“ со децении беше омилена кај гледачите. Семејството, заедништвото, пријателството и истрајноста остануваат главните теми на серијата.

Сепак, новата адаптација носи послоевити ликови. Чарлс Ингалс не е претставен како непогрешлив татко, туку како човек кој греши и се обидува да го заштити своето семејство во исклучително тешки околности. И останатите ликови добиваат повеќе простор за развој, па приказната делува помодерно и пореално.

Поделени реакции од публиката

Како и многу нови адаптации на познати дела, и оваа „Мала куќа во преријата“ предизвика различни реакции.

Еден дел од публиката смета дека серијата успешно му останува верна на духот на романите на Лора Ингалс Вајлдер и нуди историски поверодостоен приказ на животот во преријата. Други, пак, велат дека носталгијата кон оригиналната телевизиска серија останува ненадмината и дека новата верзија има поинаков тон од оној што го очекувале. Критичарите главно оценуваат дека серијата успева да најде рамнотежа меѓу почитувањето на оригиналот и современиот начин на раскажување.

Втората сезона е веќе потврдена

Netflix очигледно има големи очекувања од овој проект. Платформата ја обнови серијата за втора сезона уште неколку месеци пред премиерата на првата, што е потег што ретко го прави кога не е уверена во потенцијалот на некој наслов.

Според најавите, продолжението ќе го следи семејството Ингалс по преселбата во Волнат Гроув, Минесота, каде што ќе се појават и некои од најпознатите ликови од романите, меѓу кои и Нели Олсон.

Извор: bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.