Портпаролот на Meta изјави дека компанијата „засега нема планови да оди понатаму“ со оваа технологија.
Дали Meta сака да ги направи нашите профили бесмртни?
Кон крајот на декември, компанијата доби патент во кој се опишува како голем јазичен модел (LLM) може да „симулира“ нечии активности на социјалните мрежи, на пример, да одговара на содржини што ги објавуваат вистински луѓе.
„Јазичниот модел може да се користи за симулација на корисник кога корисникот не е присутен на социјалната мрежа, на пример кога прави долга пауза или ако корисникот е починат“, стои во патентот.
Ендрју Босворт, CTO на Meta, е наведен како главен автор на патентот, кој првпат бил поднесен во 2023 година.
„Немаме планови да продолжиме со овој пример“, изјави портпаролот на Meta за Business Insider.
Зошто Meta мисли дека ова е потребно?
Во патентот, Meta објаснува дека кога корисникот ќе престане да објавува содржина, дали поради пауза од социјалните мрежи или… затоа што починал – искуството на неговите следбеници се менува. Накратко: тие ќе недостасуваат.
„Влијанието врз корисниците е многу посериозно и потрајно ако корисникот е починат и никогаш не може да се врати на платформата“, стои во документот.
За да ја пополни таа празнина, Meta би креирала дигитален клон на вашето присуство на мрежите, тренирајќи модел врз „специфични кориснички податоци“, како што се вашата претходна активност, коментари, лајкови, објави, за да разбере како би се однесувале (или подобро кажано: како сте се однесувале).
Тој клон потоа би можел да реагира на содржината на другите преку лајкови и коментари или дури да одговара на приватни пораки. За инфлуенсери и креатори кои заработуваат на платформите и понекогаш им е потребна пауза, ваков алат би можел да биде корисен.
Патентот споменува и технологија што би ѝ овозможила на АИ да симулира видео или аудио повици со корисници.
Портпаролот нагласи дека компанијата често поднесува патенти како идеи, но добивањето патент не значи дека технологијата ќе се развива или имплементира.
Сепак, ова отвора сериозни прашања за природата на технологијата. АИ-бот кој ве заменува додека сте на дигитален детокс е едно, но имитирање на луѓе кои починале? Едина Харбинџа, професорка по право од Универзитетот во Бирмингем која се занимава со дигитални права и приватност по смртта, има сериозни резерви.
„Ова ги засега не само правните прашања, туку и многу важни социјални, етички и длабоко филозофски прашања“, вели Харбинџа за Business Insider.
Влегување во бизнисот на технологија на тагување и жалост
Meta веќе со години размислува за управување со дигиталното наследство. Пред околу една деценија, Facebook воведе опција за избор на „контакт за наследство“ кој би управувал со профилот по смртта на корисникот. А за време на периодот кога Meta активно го туркаше концептот на метаверзум, Марк Закерберг во интервју во 2023 година зборуваше за виртуелни аватари на починати лица.
Освен помошта за луѓето кои тагуваат, Meta би имала и други мотиви да ја развива оваа технологија, особено за профили што прават пауза. Тоа значи повеќе ангажирање, повеќе содржина, повеќе податоци и повеќе материјал за сегашната и идната АИ.
Во зависност од тоа како би се вовел ваков производ, би се појавиле и нови прашања:
– дали би важело за сите Meta апликации?
– би можел ли моделот да го разбере начинот на вашето однесување на WhatsApp наспроти Instagram?
Џозеф Дејвис, професор по социологија на Универзитетот во Вирџинија, вели дека е загрижен за тоа како ваквите алатки би влијаеле врз начинот на кој луѓето ја доживуваат жалоста и тагата.
Извор: bizlife.rs