По катастрофалната бура пред повеќе од една деценија, која целосно го промени начинот на кој градот размислува за климата, Копенхаген стана глобален лидер во концептот „град сунѓер“. Она што започна како итен одговор, денес е најамбициозниот урбан систем за заштита од поплави во светот.
Во јули, бурата силно ја погоди данската престолнина. За само два часа падна повеќе дожд отколку што обично паѓа за неколку недели. Болниците беа поплавени, улиците се претворија во реки, а подрумите се наполнија со матна вода. Штетата достигна речиси две милијарди долари, но поважно од сè е што градот конечно се соочи со реалноста на климатските промени.
Денес, Копенхаген со право се нарекува „сунѓер град“. Во тек се стотици проекти кои ја впиваат дождовната вода како огромен сунѓер, ја складираат безбедно, а потоа полека ја враќаат во природата. Како целиот град да функционира како еден голем систем за управување со водата.
Колку чини „сунѓер град“? Помалку отколку што мислите
Финансискиот дел често ги изненадува луѓето. Иако подземните тунели чинеле речиси сто милиони долари, тоа сепак е поевтино отколку традиционалните бетонски ѕидови за одбрана од поплави што би дале иста заштита. Зелената инфраструктура како паркови, зелени површини, дрвореди е далеку поевтина и за изградба и за одржување од класичните системи за одводнување.
Проектите се движат од огромни подземни тунели до мали „џебни“ градини. Некои се толку убави што никогаш не би погодиле дека се дел од систем за заштита од поплави. На пример, плоштадот Карен Бликсен изгледа како модерно уметничко дело со својот брановиден бетонски релјеф, но токму тие „брегчиња“ штитат илјадници велосипеди додека собираат дождовница при обилни врнежи.
Тајната? Комбинација од зелени решенија и класичен инженеринг
Зелените решенија се срцето на концептот: паркови што функционираат како сунѓери, дрвја што впиваат вишок вода и специјални површини што ѝ дозволуваат на дождовната вода да се впие во земјата. Градот дури и повторно отворил стари, одамна затрупани потоци, дозволувајќи им повторно да течат над земја низ уредени канали.
Сивата инфраструктура ја презема контролата при екстремни врнежи. Километри подземни тунели ја носат вишок-водата директно во пристаништето, кога површинските системи веќе не можат да ја примат. Овие „водени автопати“ чинат милиони, но се дизајнирани да издржат услови какви што научниците предвидуваат за следниот век.
Зошто не е лесно да се копира моделот?
Градовите што пробуваат да воведат слични системи се соочуваат со очекувани проблеми.
- Окленд имал отпор од јавноста поради укинување на паркинг места.
- Ротердам се мачел со сложени дозволи што ги одолговлекувале проектите со години.
- Њујорк дознал дека координацијата меѓу градските служби значително го успорува напредокот.
Но, речиси целиот свет внимателно гледа што прави Копенхаген. Градови како Њујорк, Сингапур и Најроби веќе се обидуваат да го применат истиот пристап. Урбанистите го сметаат Копенхаген за модел за сите густо населени урбани средини.
Проектот е во тек – и далеку од завршен
Системот на Копенхаген не е ни на половина. Почетниот план беше да заврши во раните 2030-ти, но роковите се поместуваат како што инженерите се соочуваат со нови предизвици. Понекогаш постојните подземни цевки ги блокираат предвидените подобрувања. Стандардите за квалитет на водата стануваат построги. Овие пречки го забавуваат процесот, но го прават конечниот резултат поефективен.
Придобивки што одат далеку подалеку од поплавите
- Зелените кровови природно ги ладат зградите и го чистат воздухот.
- Парковите складираат вода во сушни периоди и му помагаат на градот да ја преживее сушата.
- Некои системи имаат двојна намена — базени што кога се суви функционираат како скејт-паркови.
Изградбата на „град сунѓер“ бара промена во начинот на размислување. Наместо да се брза да се „избрка“ водата од градот, новиот пристап учи како да се успори, прочисти и повторно искористи. Наместо да се градат ѕидови што ја држат природата надвор, градовите учат да ја вклучат како партнер.
Градот станува поотпорен – чекор по чекор
Системот за управување со поплави во Копенхаген веќе значително го намалил ризикот во приоритетните зони, иако градот сè уште не би можел да издржи бура како онаа од 2011 година. Но секој нов тунел, секој уреден парк и секој зелен кров го прават градот посилен.
Копенхаген гради основа за град кој ќе може да напредува и покрај климатските предизвици што доаѓаат.
Извор: odrzime.rs