Pantone, светскиот авторитет за бои, трендови и визуелни насоки за брендовите, ја опиша нијансата како „брановидна, избалансирана бела, исполнета со чувство на спокој“.
Како што се зголемува притисокот од технологијата во секојдневието, нијансата Cloud Dancer претставува „смирувачко влијание во френетичното општество, повторно откривајќи ја вредноста на умереното размислување и тивкиот внатрешен мир“, изјави за CNN Литрис Ајзмен, извршна директорка на Институтот.
Таа додава дека белата боја одамна се поврзува со нови почетоци и симболизира желба за свеж старт.
„Името на бојата е клучно. Кога ќе го чуете називот, одеднаш веќе ја гледате пред себе“, објаснува Лорин Пресман, заменичка директорка.
Оваа прецизно избалансирана бела, со „еднаков баланс на топли и студени подтонови“, е намерно избрана. „Да се одлучевме за бела што е визуелно посветла, ќе изгледаше непријатно и стерилно, премногу ладна, малку природна, без искреност и автентичност“, додава Ајзмен.
Иако различни нијанси на бело одамна се присутни во модата, Cloud Dancer особено асоцира на лесни силуети и природни, пердувести ткаенини.
Некои од овие трендови веќе се видливи. На годинашната Met Gala, Дајана Рос се појави во совршено бела креација со наметка долга 5,5 метри. Ема Стоун носеше бела Louis Vuitton тоалета на Филмскиот фестивал во Венеција, Сидни Свини блесна во сребрено-бела свечена комбинација, а уште многу други ѕвезди последниов период се појавуваат токму во бело.
Ајзмен ја опишува оваа нијанса како боја што зборува за јасност без студенило, структура без строгост, боја што совршено се вклопува со природни материјали како дрво и камен.
Претходните избори на Pantone ги вклучуваа Mocha Mousse, „нежно кафеава нијанса исполнета со топлина и комфор“ за 2025 година, и Peach Fuzz, „лесен, овошен тон што потсетува на мир и мек спокој“ за 2024 година.
Извор: bizlife.rs