Патот до Ел Зонте лесно може да се погреши, мала кривина која води до тесна асфалтирана улица со густа вегетација. Единствениот знак е знамето кое укажува на плажата, која е оддалечена околу еден километар. Таа е речиси празна под вечерното сонце.
Од сите места каде што би можела да се роди финансиска револуција, Ел Зонте делува како малку веројатен кандидат. Но, ова изолирано рибарско село на Тихиот океан во Ел Салвадор, познато по топлото море во текот на цела година и силните бранови, денес е глобално препознаено како Bitcoin Beach – ретко реално опкружување каде што криптовалутата се користи во секојдневниот живот.
Туристите во центарот на социјалниот експеримент
Токму оваа комбинација на патување и учество во нешто револуционерно е тоа што ги привлекува посетителите во Ел Зонте. За оние кои веќе имаат биткоин, користењето на валутата на ова место може да значи избегнување на загуби при конверзијата на пари.
Експериментот започнал во 2019 година, кога локалниот економист Мајк Питерсон и лидерот на заедницата Роман Мартинез добиле анонимна донација во биткоин. Првично, ангажирале млади луѓе да ги чистат плажите и реките и за тоа ги плаќале со криптовалута. Кога дошла пандемија и работата запрела, проектот се проширил и на пошироката заедница.
„Ел Салвадор имаше специфичност, од 2001 година користи американски долар, а не своја валута“, вели Питерсон. Тоа значело дека биткоинот не морал да се „бори“ со националната валута. Покрај тоа, огромен дел од популацијата бил без пристап до банки. Во тој контекст, биткоинот овозможил електронски плаќања за прв пат.
Од земјоделство до предавања за биткоин
Брајан Флорес, кој ја прифатил оваа иницијатива работи во седиштето на проектот Bitcoin Beach. Почнал како тинејџер, а денес е искусен предавач на темата, особено на младите за тоа како да се користи биткоинот.
„Bitcoin Beach ми го промени животот“, рекол тој. “Работевме на фарми. Кога се појави биткоинот, почнав да работам со тоа и сè се промени.“
Од тогаш патувал во Аргентина, Шпанија и Чешка како предавач, а следното што планира да го посети е Лас Вегас.
Како да користите биткоин ако сте турист
За туристите користењето биткоин е едноставно:
– Преземете апликација (криптовалутен новчаник);
– Ставете биткоин во апликацијата;
– И подготвени сте за плаќање;
Национален закон инспириран од експериментот
Проектот од Ел Зонте брзо привлекол внимание од новиот претседател Најиб Букеле, кој во 2021 година го прогласил биткоинот за законско средство за плаќање во целата земја.
Одеднаш, биткоинот не беше прифатен само во Ел Зонте, туку во целиот Ел Салвадор и можеше да се користи за плаќање на сè: од сметки и даноци, до ресторани, хотели и туристички тури.
Извор: web-mind.rs