„Вљубениците на вискито зборуваат за ароматизираното виски како за општ предизвик и на негативен начин бидејќи сметаат дека донекаде ја изневерува целта поради која се дестилира висококвалитетната течност и потоа се става во буриња“, рече Ландер Отеги, главен маркетинг директор во Proximo, компанија за тутунски производи која ги поседува ирските дестилерии Bushmills и Proper No.Twelve.
Сепак, Ирците го менуваат ставот, а Jameson го прифати трендот пред неколку години со два вкуса. Jameson Cold Brew беше претставен во 2020 година, а две години подоцна се појави со вкус на портокал. И двата видови остануваат во продажба и привлекуваат нови луѓе.
Ароматизиранo виски
Вискито со вкус е категорија од 1,5 милијарди долари и сочинува 20 отсто од целата продажба на виски во САД. Според дистрибутерите Southern Glazer, во последниве години продажбата на ароматизирано виски ја надмина продажбата на обичното виски. Од 2019 година, бројот на шишиња со ароматизирано виски на полиците е зголемен за 37 проценти.
Извор: Freepik
Тука се придружува и ирскиот бренд Conor McGregor, кој со Proper No. Twelve со вкус на јаболко има одлични резултати од неговото лансирање пред една година.
Отеги призна дека брендот се двоумел за оваа постапка. Тие „баш и не веруваа“ во потегот да се лансира ароматизирано виски. Но, со оглед на тоа што помладите луѓе кои пијат гравитираат кон поостри вкусови, ирските брендови „мора да бидат многу пофлексибилни во однос на нивните традиционални верувања“, изјави тој за CNN.
Виски со вкус на мед
На овој тренд му се придружи уште една ирска дестилерија. Tullamore D.E.W. за прв пат во својата 200-годишна историја, минатиот месец лансираше виски со вкус на мед во САД на Денот на Свети Патрик.
„Медот беше лесен избор“, рече Пол Басфорд, претседател за САД во компанијата William Grant and Sons, матичната компанија на Tullamore D.E.W., која исто така го поседува вискито Glenfiddich и џинот Hendrick’s.
„Постои тенденција да се пијат повеќе вкусови, кои навистина ги има многу“, рече тој, издвојувајќи ги бананата и циметот, но брендот „одлучи да почне малку потрадиционално“ што одговара на Tullamore D.E.W.
Одлична продажба
Првичната продажба била одлична. Басфорд предвидува дека продажбата на вискито со мед ќе биде „прилично голема оваа година, а уште поголема следната година“, што ќе сочинува 20 отсто од вкупната продажба на Tullamore D.E.W. за следната година и се предвидува дека ќе се зголеми до 35 отсто со текот на времето.
Медот и јаболкото се меѓу најпродаваните вкусови во целата категорија на ароматизирано виски според податоците на NIQ доставени до CNN, заедно со путерот од цимет, праска и кикирики.
Извор: Freepik
„Потрошувачите во САД навистина сакаат вкусови, а бизнисот со алкохол не е исклучок“, изјави за CNN Џон Берг, потпретседател на раководството за пијалаци и алкохол во NIK.
Сепак, тој предупреди дека вкусовите „обично имаат период на опаѓање на продажбата, врз основа на стапките на дегустација и на купување“.
Промена на вкусот
Двете компании се соочуваат со слични предизвици во привлекувањето лица на возраст од 25 години кои сакаат различни вкусови во споредба со постарите генерации, а тоа е тренд што се забрза по пандемијата.
„По пандемијата на КОВИД-19, целата база на потрошувачи стана попромискуитетна, сакајќи да експериментира и помалку да се врзува за она што го имала порано“, рече Басфорд. А, бидејќи помладите кои пијат често, не се љубители на вискито, вкусот им помага да го засакаат.
Отеги рече дека помладите потрошувачи се „отворени за истражување на нови вкусови во категоријата алкохолни пијалаци“.