Ретро производите успеваат да допрат до различни генерации – и до постарите, кои ги паметат од младоста, и до помладите, кои ги откриваат низ новата естетика и значење.
Психолошкиот ефект на носталгијата
Носталгијата, како универзална емоција, има моќ да нè врати во детството или младоста, давајќи ни утеха во неизвесни времиња. Психолозите велат дека носталгијата не само што нè смирува, туку и нè мотивира. Кога се соочуваме со забрзаниот начин на живот и промените, таа нуди емоционална стабилност и чувство на припадност.
Затоа, брендовите низ светот го користат минатото како клучен елемент во маркетинг стратегиите. Тие не нè освојуваат само со функционалност, туку и со чувството на заедништво, емоција и приказна.
Кога ќе видиме позната амбалажа, ќе слушнеме стар слоган или ќе го вкусиме истиот производ од детството, повторно ги оживуваме тие драги моменти што го обликувале нашиот идентитет.
Мисли глобално…
Полароид – несовршеноста како предност
Еден од најпознатите глобални примери е Polaroid, бренд на инстант камери што речиси исчезна со подемот на дигиталната фотографија. Но, Polaroid доживеа неверојатно враќање, благодарение на ретро естетиката и кампањите што нè потсетуваат на возбудата кога фотографијата се појавува пред нас за неколку секунди.
Во ерата на совршени Instagram фотографии, Polaroid нуди несовршеност и автентичност, што денешните млади генерации особено ја ценат.
Nintendo – мајстор на ретро гејмингот
Друг глобален пример е Nintendo, компанијата што го редефинираше концептот на ретро гејмингот. Со лансирањето на Nintendo Classic Mini, што содржи прединсталирани игри од 80-тите и 90-тите, Nintendo успеа да го освои срцето на носталгичарите, но и на новата генерација играчи.
Sonic – од игра до филмски хит
Третото продолжение на филмот за Sonic е актуелно во моментов. Постарите се сеќаваат на играта од Nintendo, а некои и пораснале со овој анимиран јунак. Денес, овој филмски серијал ги воведува новите генерации во светот на Sonic.
…делувај локално
Кокта – пијалокот на младоста
Феноменот на ретро брендови е посебно изразен во регионот, каде што производите не се само стока – тие се дел од колективниот идентитет.
Совршен пример е словенечката Кокта – „пијалокот на нашата младост“. За време на 90-тите, речиси исчезна, но нејзиниот камбек беше внимателно осмислен, со ретро кампањи што потсетуваат на детството и заедништвото.
Смоки – вкус што не исчезнува
Друг значаен пример е Смоки, кој никогаш не исчезна, но преку ретро кампањи го зацврсти својот статус. Смоки не е само грицка, туку асоцијација за детство.
Плазма – вкус на детството
А што да кажеме за Плазма кексот? Сите плачевме гледајќи го видеото со вработените по пожарот во фабриката, и со нетрпение чекавме производството повторно да стартува.
Враќањето на плочите и музичкиот ритуал
Големо враќање во минатото доживеа и винилот. Во Македонија и регионот, пазарот на плочи денес доживува ренесанса. Некогаш симбол на секој дом, денес престиж и носталгија. Ова не е само враќање на еден производ – туку и на ритуалот што недостасува во забрзаниот дигитален свет. Слушањето плочи не е само репродукција на звук, туку целосно искуство, од отворање на омотот, допирот на плочата, до поставувањето на грамофонот.
Зошто младите сакаат ретро?
Интересно е што новите генерации, кои никогаш не живееле во времето на Polaroid, винил или касети, денес се главните консументи на овие производи. Причината? „Дигитален умор“. Со премногу екрани и дигитални содржини, младите бараат автентично искуство – нешто опипливо, нешто што можат да го почувствуваат.
Носталгијата како стратегија, но и вредност
Ретро брендови не продаваат само производи, туку и емоции, приказни и вредности што некогаш се ценеле повеќе. Тие нè враќаат на вредностите што некогаш ги заборавивме. Во свет што брзо се менува, минатото ни дава чувство на стабилност – преку вкусот, мирисот и звуците што нè враќаат во времето кога сè изгледаше поедноставно.
Извор: bizlife.rs