Со напредокот на вештачката интелигенција, интернет измамите стануваат сè попрефинети и потешки за препознавање, правејќи ги поубедливи „мамки“ за голем број луѓе. Злоупотребата може да има сериозни последици, па затоа внимателноста и дигиталната писменост се клучни во борбата против ширењето на сомнителни и злонамерни содржини.
Што е phishing или „фишинг“?
Сајбер-криминалците користат различни методи, алатки и канали за незаконско стекнување на финансиска добивка, кражба на идентитет или добивање на доверливи информации.
Еден од најголемите безбедносни ризици во областа на сајбер-безбедноста е фишингот, техника што често се користи преку е-пошта, со цел кражба на лични податоци, финансиски информации и кориснички пристапи.
Крајната цел на фишинг измамите е:
- Кражба на пари од банкарски сметки
- Наведување корисник да купи непостоечки производи или услуги
- Злоупотреба на податоци од лични документи или платежни картички
Каде можеме да наидеме на интернет измама или фишинг?
- На телефон или компјутер – преку SMS пораки, е-пошта, онлајн игри, реклами и огласи.
- На социјалните мрежи – преку лажни пораки и разговори на Messenger, Instagram, WhatsApp, Viber и други платформи.
- На лажни веб-страници – каде што корисниците се наведуваат да внесат лични податоци или лозинки.
Како да препознаете интернет измама?
- Прво и најважно – никогаш не кликнувајте на сомнителни линкови!
- Не внесувајте лични податоци како име, презиме, број на лична карта, адреса, лозинка или податоци од платежна картичка.
- Овие измамнички пораки често имаат алармантни наслови, како:
„ИТНО!“ , „ВАЖНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ!“, „ПОСЛЕДНА ШАНСА!“, „ГОЛЕМИ ПОПУСТИ – 90%!“
- Проверете го испраќачот! Дали е-поштата или телефонскиот број изгледаат веродостојно?
- Проверете дали компанијата навистина постои, преку нејзината официјална веб-страница или контактирајте го брендот директно.
- Лажните пораки обично имаат граматички грешки, чудни линкови или сомнителни прилози.
- Многу интернет измами користат фотографии или видеа генерирани со вештачка интелигенција, особено кога се во прашање лажни реклами за производи со огромни попусти. Ако нешто изгледа предобро за да биде вистинито, најчесто е измама.
Совет: Направете едноставно Google-пребарување на понудата или компанијата. Ако е измама, веројатно веќе има известувања или предупредувања за тоа.
Што да направите ако станете жртва на интернет измама?
Ако постои сомнеж дека вашите податоци биле злоупотребени, важно е веднаш да преземете чекори за заштита:
- Контактирајте ја вашата банка и следете ги нивните упатства
- Променете ги сите лозинки на вашите онлајн сметки
- Пријавете го случајот во Министерството за внатрешни работи.
Безбедноста на интернет зависи од нашата информираност. Бидете внимателни и не дозволувајте да бидете мета на сајбер-криминалците!
Извор: bizlife.rs