Како Ikea од ценовните етикети создаде приказна за емоции

Во најновата кампања на шведската Ikea, цените станаа наратори. Наместо да прикажува софи, маси и ламби, брендот во фокус ги стави – своите препознатливи етикети.

ikea-4712-fi

Извор: Promo

Наизглед обичните цени во кампањата „Wherever Life Goes“ („Каде и да нè однесе животот“) се претвораат во сведоци на најважните животни моменти: првиот бакнеж, преселбата во нов дом, откривањето на нова страст, часовите по гитара…

Кампањата ја потпишува креативната агенција Åkestam Holst NoA, а пораката е едноставна и длабока: домот се менува исто онолку колку што се менува и животот. А Ikea е тука да го следи, поддржи и приспособи на секоја нова фаза.

„Многу работи се иконични за Ikea, а ценовната етикета е дефинитивно една од нив“, вели Михаел Ситкјевиќ, арт директор на кампањата.

„Со тоа што ја ставивме во центарот на приказната, успеавме да ги претставиме моментите што водат кон промена и да покажеме како Ikea може да биде дел од нив. Бакнежот е само бакнеж, но тој може да значи почеток на нова приказна.“

Токму тука лежи силата на кампањата – во тишината меѓу редовите, во суптилноста. Ikea не зборува за функција, туку за емоција. Не продава производи, туку вредности што не се мерат со цена – љубов, растење, нови почетоци.

Кампањата „Wherever Life Goes“ нè потсетува дека домот е многу повеќе од ѕидови и мебел. Тој e сцена на која се одвива животот, а секое парче мебел, и секоја мала жолта етикета, е дел од приказната што ја пишуваме секој ден.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.