Рекламата, која стана вирална на различни платформи на социјалните медиуми, ја прикажува гимнастичарката среде настап на остра црна позадина. Нејзината силуета, комбинирана со кружниот гимнастички реквизит, создава неверојатен визуелен приказ на трикраката ѕвезда на Mercedes-Benz. На дното од сликата се истакнати логото и името на Mercedes-Benz, зајакнувајќи ја врската помеѓу атлетската сила на гимнастичарката која освои злато и брендот на луксузни автомобили.
На 27 години таа продолжува да доминира во светот на гимнастиката, додавајќи нови медали на нејзиниот импресивен број на спортски награди. Во Париз го обезбеди својот 10-ти олимписки медал, односно 7-от златен, дополнително зацврстувајќи го својот статус како една од најголемите гимнастичарки на сите времиња.
Виралното ширење на рекламата доведе до излив на поддршка од фановите, а многумина бараа Mercedes-Benz официјално да ја поддржи Симон. Корисниците на социјалните мрежи го пофалија паметниот дизајн, истакнувајќи како ефикасно ги комбинира прецизноста и извонредноста на овие два брендови.
Она што е особено интригантно во врска со овој дигитален постер е мистеријата околу неговото потекло. Додека тој кружи низ интернетот, останува нејасно дали рекламата е официјално нарачана од Mercedes-Benz. Маркетинг експертите ја истакнуваат моќта на визуелното раскажување во рекламирањето. Без разлика дали е официјална или не, рекламата успеа да привлече внимание од јавноста и да создаде моќна асоцијација помеѓу атлетските достигнувања и луксузното брендирање.
Ова е приказната која стои зад фотографијата
Авторот на оваа фотографија е Зед Анвар, кој се огласи по повод истата и на LinkedIn.
„Бидејќи мојата реклама за Mercedes станува вирална, мислев да ја споделам својата приказна. Сите би помислиле дека работам во креативна агенција од светска класа, но за жал, не е така — јас сум само обичен болнички портир. Можев да бидам голем креативец, ако ми беше дадена шанса кога првпат влегов во креативната индустрија, но мојата работа ја украдоа Кембел Дојл и Дејв Даи. Кои се тие? Тие се никој друг освен Волтер Кембел и Дејв Даи, светски познати креативни херои кои се обожувани во креативната индустрија. Истите овие луѓе се погрижија моето име да биде упропастено во индустријата, затоа што не сакаат нивната мрачна мала тајна да стане јавна.
Замислете да ми беше дадена шанса тогаш — јас ќе воодушевував со мојата креативност, но сега се борам да најдам работа и да ги нахранам моите деца. Траумата што ја претрпев барајќи работа во претежно расистичка индустрија ме остави со лузни.
Овие луѓе ми ја украдоа идејата, но и животот и кариерата. Тие продолжија напред во своите кариери, додека јас завршив во затвор. Но, сепак, еве ме со уште едно вирално дело,“ напиша тој.