„Со тешко срце ве известуваме дека Duo, некогаш познат како бувот Duolingo, е мртов“, беше објавено на официјалните профили на социјалните мрежи на апликацијата за учење јазици. Како што наведоа – „надлежните органи“ ја истражуваат причината за неговата смрт, а компанијата соработува.
Свесни сме дека имаше многу непријатели
„Искрено, веројатно умре чекајќи да ја завршите лекцијата, но што знаеме ние. Свесни сме дека имаше многу непријатели, но љубезно ве молиме да се воздржите од споделување на причините зошто го мразите. Доколку сакате да споделите, ве молиме да го вклучите и бројот на вашата кредитна картичка за автоматски да ве пријавиме за Duolingo Max во негова чест“, стои во објавата.
На крајот додадоа: „Ви благодариме што во ваков момент ја почитувате приватноста на Дуа Липа“.
Во изјава за една американска телевизија, портпаролот на Duolingo потврди дека Duo всушност е „мртов“ само како дел од маркетиншката кампања на брендот, но истовремено ги повика луѓето да се воздржат од споделување на информации за своите кредитни картички, пишува CNBC.
Инаку, ова не е првпат некоја од маскотите на брендовите да „умре“. Г-дин Peanut, исто така, „почина“ и се врати како Baby Nut во 2020 година.
За да ја одбележи смртта на Duo, Duolingo ги ажурираше своите профилни слики на социјалните мрежи и иконата на апликацијата, прикажувајќи слика на птица со X-ови наместо очи.
Емоционална уцена
Ширум интернетот, речиси цела деценија се жалат на однесувањето на Duolingo, кое еден корисник на Reddit го опиша како обид за емоционална уцена за повторно ангажирање на корисниците.
Приговорите во апликацијата одат подалеку од наслови на e-mail пораки или нотификации. Неактивните корисници, кога ќе погледнат во својот телефон по подолг период на неактивност, ќе забележат дека познатата був-маскота изгледа постара и потажна, па дури и наликува на ноќна мора. Безброј родители се пожалиле дека каприциозниот був ги напаѓа нивните деца и ги тера да плачат. Иако е општо прифатено дека Duolingo е „кретен“, некои отишле чекор понатаму, сугерирајќи дека манипулативното испраќање пораки од апликацијата е целосно неетичко.
Без разлика на производот, маркетерите се согласуваат дека постоечките и потенцијалните корисници на некој бренд реагираат подобро кога околу него се формира некаква „личност“. Без разлика дали луѓето се лути на дрскиот зелен був Duolingo или му се наклонети, веројатно ќе го ценат тоа што ликот останува верен на својата безобразна личност и надвор од апликацијата и нотификациите. Во сите свои реклами на ТВ, на YouTube, X, TikTok, бувот секогаш бил ист: самозадоволен и дрзок.
Извор: Web-mind.rs