Во Германија се очекува до 2030 година да се променат до три милиони работни места, што е седум отсто од вкупниот број вработени, покажува најновото истражување на глобалниот институт McKinsey (MGI).
Сценариото на експертите од McKinsey претпоставува забрзано воведување на системи за вештачка интелигенција во Америка и Европа. Ова може да доведе до автоматизација на речиси една третина од работните часови до 2030 година.
До 2035 година уделот во ЕУ би можел да порасне на 45 отсто. Според проценките, речиси 12 милиони промени на работни места би можеле да бидат потребни до 2030 година во Европа и во САД.
Во Европа, тоа е 6,5 отсто од моменталните работни места. Авторите го гледаат овој тренд како ризик за пазарот на трудот.
Од една страна, висококвалификуваните и натпросечно платените работни места тешко се пополнуваат. Од друга страна, можен е вишок на работници во секторот со ниски плати.
Најголеми промени се очекуваат во канцелариското работење и во административните сектори на компаниите и јавните институции. Најмногу промени на работните места благодарение на вештачката интелигенција (54 проценти) во Германија доаѓаат од овој сектор.
Заедно со Италија, Германија е особено погодена бидејќи канцелариските работни места заземаат висок удел во вкупната вработеност. Потоа следат услугите и продажбата со 17 проценти, и производствените активности со 16 проценти.
Во овие услови експертите од McKinsey очекуваат позитивни економски ефекти. Со забрзаното воведување на вештачката интелигенција и поефикасното понатамошно усовршување на работниците во европската економија, годишната стапка на раст на продуктивноста до 2030 година може да се зголеми на три проценти.