Историска одлука на ЕСЧП: Швајцарската влада не направила доволно за да ги заштити граѓаните од климатските промени 

Група од две илјади граѓанки на Швајцарија го доби спорот со Европскиот суд за човекови права во Стразбур кои ја тужеа својата држава дека не презема сè што е потребно за да ги заштити од штетните последици од климатските промени кои го загрозиле нивното здравје.

evropski sud za chovekovi prava

Извор: Freepik / EyeEm

Група од две илјади граѓанки на Швајцарија го доби спорот со Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кои ја тужеа својата држава дека не презема сè што е потребно за да ги заштити од штетните последици од климатските промени кои го загрозиле нивното здравје. Европскиот суд за правда се согласил со ставот на швајцарките организирани во група под името „Klimaseniorinen“ кои се борат за заштита од климатските промени дека швајцарската влада не преземала доволно чекори за да ги заштити од негативните ефекти на емисијата на јаглерод диоксид во атмосферата. 

Ова е прв пат Европскиот суд за човекови права во Стразбур да донесе пресуда поврзана со климатските промени и стручњаците оценуваат дека оваа пресуда има историско значење. Јоана Сецер, професор од Лондонската школа за економија, смета дека оваа пресуда е од монументално значење и e многу важен преседан кој отвара можност за слични пресуди. 

Пресудата на Европскиот суд за правда е заснована на член 8 од Европската конвенција за човекови права која опфаќа обврска и должност на владите да ги заштитат поединците од последиците на климатските промени. Судот пресудил дека постоеле сериозни празнини во напорите на Швајцарија за намалување на емисиите со ефект на стаклена градина. Оценето е дека државата не делувала доволно брзо и ефикасно за да усвои соодветна легислатива со кои би се спречиле негативните дејства на климатските промени и дека тоа влијаело на здравјето на луѓето. 

Џои Чаудри од Центарот за меѓународно право за животна средина оценил дека пресудата на Европскиот суд за човекови права јасно покажува дека климатската криза во суштина е криза на почитувањето на основните човекови права. Генералното собрание на Обединетите нации усвоило резолуција дека правото на чиста, здрава и одржлива животна средина е основно човеково право во 2022 година.

Познатата шведска активистка Грета Тунберг ја прославила пресудата во Стразбур заедно со дамите од „Klimasenioren“. 

Индикативно е дека истовремено Европскиот суд за човекови права отфрлил слична жалба на група млади Португалци кои пред Судот ja тужеле Португалија и други држави дека не презеле доволно мерки во борбата против климатските промени со образложение дека пред да се обратат на Европскиот суд за човекови права не се обратиле на португалските национални судови. 

Освен намалувањето на емисиите, од клучно значење е да се исполнат ветувањата за финансирање на програмите за зелена транзиција во земјите во развој, кои не дадоа значаен придонес за загревањето на планетата. Развиениот свет ветуваше 100 милијарди долари годишно за адаптација и ослабување на последиците од климатските промени за земјите во развој, што никогаш не беше исполнето. Поради тоа, развиените земји ниту ги исполнуваат ветувањата на земјите во развој, ниту самите се ефикасни во својата борба против климатските промени. 

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.