За што станува збор?
Се рабира, се работи за вештачката интелигенција и брзото интегрирање и унапредување на новите ВИ алатки во платформите кои секојдневно ги користиме, пренесува Forbes. Иако Apple доживеа забавување, Google и Microsoft итаат со напредокот.
На пример, ВИ може да се вклучи во вашата историја на пребарувања на Chrome и да добие персонализирани увиди на вашите пребарувања и начинот на кој ги означувате. Целта е подобро да ве запознае за да ви понуди подобра помош, но сепак не заборавајте дека се наоѓате на најнапредната маркетинг платформа во светот. Или пак, Microsoft и неговиот Copilot AI да ги анализира вашите датотеки на OneDrive, секако за да вам ви служи подобро. Иако за тоа е потребно ваше овластвање, сепак размислете подобро пред да кликнете “I agree”.
Ново на Gmail
Gmail ја воведува новата ВИ функција за уште попаметно и побрзо пребарување на најрелевантни резултати која сигурно ќе го подобри искуството на корисниците при пребарувањето на е-пошта во преполните сандачиња. И тука се подразбира вклучување на ВИ во обработка на вашите лични податоци, а тоа ги засега секогаш актуелните прашања за приватноста и заштитата на податоците. За Google приватноста е приоритет, а самите корисници имаат контрола над своите податоци преку поставките за персонализација. Иако уверуваат дека податоците не се користат за обуки на модели или подобрување на маркетинг профили, тие сепак се анализираат. Експертите за безбедност на податоците ги предупредуваат корисниците да бидат внимателни при разгледувањето на условите за користење на услугите, бидејќи вештачката интелигенција продолжува да се развива, а законодавците сé уште не можат целосно да ги следат етичките и правните импликации на генеративната вештачка интелигенција.
Напредокот и црвените линии на безбедноста
И покрај уверувачките изјави за приватност на податоците, корисниците би требало да знаат кога да повлечат црвена линија. Како што пренесува Forbes, Џејк Мур од ESET предупредува дека секој податок што го споделуваме онлајн, дури и на приватни канали, може да се складира, анализира, па дури и да се сподели со трети страни. Тој истакнува дека кога информациите се вредни, а понекогаш се гледаат како валута, моделите на вештачка интелигенција може да бидат дизајнирани да истражуваат подлабоко во личните податоци на корисниците, откривајќи огромни количини на информации. Споделувањето на податоците создава ризик од создавање на големи бази на лични информации, за кои корисниците често пати не се свесни дека постојат.
Извор: Freepik
Apple напорно се обидува да најде баланс помеѓу ВИ иновациите и обезбедувањето на приватноста на своите корисници. Додека други компании како Amazon, Google и OpenAI поголемиот дел од својот фокус го насочуваат кон напредокот на ВИ технологиите, што понекогаш подразбира компромиси во однос на заштитата на личните податоци, Apple продолжува да ја нагласува својата посветеност на приватноста и безбедноста. Со оваа стратегија, Apple настојува да ја одржи својата репутација на компанија која посветува внимание на етички аспекти, додека истовремено се стреми кон технологиски напредок.
Баланс помеѓу иновациите и адаптацијата на дигиталниот свет
Новата „most relevant“ функција за пребарување на Gmail може да ја подобри ефикасноста на пребарувањето, а со тоа и да донесе значајни предности. Потребна е особена претпазливост бидејќи и ризиците се зголемени – нешто што треба особено да ги засега бизнисите. Претпријатијата се особено скептични за примена на вештачката интелигенција, поради ризиците за чувствителните податоци. Многу компании свесно ги одложуваат усвојувањето на новите ВИ технологии поради недостаток на соодветни управувачки и безбедносни контроли. Кон ова ако го додадеме и брзиот развиток на ВИ алатките, тогаш просторот за навремено know-how уште толку се стеснува.
Но истовремено, компаниите се соочуваат и со ризикот да заостанат ако не ја прифатат вештачката интелигенција. Овој феномен објаснува дел од забрзаното воведување на новите функции на Gmail и Workspace од страна на Google кои во последната година постојано се надградуваат со нови ВИ алатки и нема да запрат. За корисниците, ќе биде се повеќе важно да бидат свесни за тоа со што точно се согласуваат, како работат овие алатки и кои опции за одбивање или прилагодување се достапни.
Извор: Forbes