Во тужбата се наведува дека Американската агенција за глобални медиуми, нејзиниот вршител на должност директорот Виктор Моралес и специјалниот советник Кери Лејк прекршиле неколку закони кога минатата сабота испратиле повеќе од 1.300 вработени на принуден одмор и го намалиле финансирањето на неколку новински сервиси.
Со тужбата се бара судот да издаде налог за поништување на одлуката за затворање на Американската агенција за глобални медиуми, која ги финансира Гласот на Америка и други медиуми како Радио Слободна Европа, Радио Слобода и Радио Слободна Азија, пренесува Ројтерс.
Претседателот на Американската федерација на државни службеници, Еверет Кели, кој е и еден од подносителите на тужбата, изјави дека затворањето на Гласот на Америка претставува напад врз слободата на медиумите, работните места на синдикалните членови и демократијата ширум светот.
„Гласот на Америка е основан за да ја шири вистината и да се бори против пропагандата на авторитарните режими, така што не е изненадување што администрацијата на Трамп се обидува да го уништи“, рече Кели.
Од своето основање за борба против нацистичката пропаганда во екот на Втората светска војна, Гласот на Америка прерасна во меѓународен медиумски онлајн, радио и ТВ сервис, кој работи на повеќе од 40 јазици, ширејќи американски вести во земји каде што недостасува слободен печат.
Трамп и неговиот советник, американскиот милијардер Илон Маск, настојуваат да ја намалат федералната влада, за која тврдат дека троши пари од даночните обврзници на цели што не се во склад со интересите на САД, наведува Ројтерс.
Извор: bizlife.rs