Новиот закон вклучува обврзувачки цели за обновување на морските живеалишта, како и нов механизам и рок за ограничување на деструктивниот риболов и овозможување обнова на клучните морски живеалишта, како што се ливадите со морска трева и гребените. Ова усвојување ја означува претпоследната фаза од процесот пред да стапи на сила законот, според веб-страницата на организацијата Seas at Risk.
Поточно, законот ќе ги обврзе земјите-членки на ЕУ да обноват најмалку 30% од нивните деградирани морски живеалишта до 2030 година со усвојување на национални планови за обнова. Тој, исто така, вклучува нови одредби за да се осигури дека земјите-членки на ЕУ соработуваат и ги усвојуваат неопходните заеднички мерки најдоцна до средината на 2028 година, во случаи кога деструктивните риболовни практики на една земја влијаат на напорите за обновување на друга земја.
„Со усвојувањето на Законот за обновување на природата ние сме на чекор поблиску до тоа ЕУ да стане побиодиверзитетна и поотпорна на климатските промени. По неколкумесечна кампања за поддршка на обновувањето на природата и соочени со жестокиот политички отпор кон зелените политики, законот ќе остане запаметен како една од ретките истакнати регулативи во рамките на Европскиот зелен договор“, рече Николас Фурние, од организацијата Okeana.
Извор: (Freepik / Frimufilms)
Татјана Нуњо, од Seas At Risk, рече: „Првиот закон на ЕУ кој е правно обврзувачки за обновување на биодиверзитетот е клучен чекор напред за здравјето на океаните. Со усвојувањето на овој закон, земјите-членки на ЕУ можат да почнат да работат на нивните национални планови за враќање на животот во европските мориња“.
Овој закон ќе биде првиот обврзувачки закон на ЕУ за обновување на речиси сите деградирани екосистеми до 2050 година, што ќе резултира со повеќекратни придобивки за морето и тој доби огромна поддршка од над 6.000 научници, над 100 бизниси, над 200 невладини организации, како и голем број активисти.
По усвојувањето во Европскиот парламент, Советот на ЕУ треба да го одобри законот во наредните недели, а конечно се очекува да стапи во сила пред летото. После тоа, земјите-членки на ЕУ ќе имаат рок од две години да подготват национални планови за обнова и да ги достават до Европската комисија за евалуација.