Како меѓународното трговско право може да ја забрза енергетската транзиција

И покрај децениските ветувања, планови и напори за борба против климатските промени, светот продолжува да се бори со својата транзиција кон економија со ниска емисија на јаглерод. Глобалната економија останува силно зависна од фосилните горива за производство на енергија, транспорт и индустриски процеси.

energetska tranzicija

Извор: Unsplash / Karsten Würth

Досега, емисиите на јаглерод диоксид од енергетскиот сектор се зголемија за 60% од 1992 година, влошувајќи ги негативните влијанија на климатските промени како што се топлотните бранови, засилените бури, продолжените суши и зголемувањето на нивото на морето. За да се ублажат овие ефекти и да се обезбеди поодржлива иднина, фундаменталната трансформација во производството и потрошувачката на енергија е поитна од било кога.

Инструментите на меѓународното трговско право за енергетската транзиција

Во последно време меѓународните регулативи кои се однесуваат на трговијата со енергија и нивните еколошки последици започнаа да привлекуваат внимание во рамките на долгогодишниот дискурс за трговијата и животната средина. Меѓународното трговско право се состои од широк опсег на правила и прописи релевантни за енергетската транзиција и може да има значајни импликации за истата.

Правилата на меѓународната трговија влијаат врз енергетската транзиција првенствено преку одредување на видот на мерките кои можат и не можат да ги користат владите. Трговските мерки кои ја поддржуваат транзицијата кон обновлива енергија вклучуваат: субвенции за обновливи извори, реформирање на субвенциите за фосилни горива, либерализација на трговијата со технологии за обновлива енергија и ограничување на трговијата со производи од фосилни горива.

Спротивно на тоа, мерките кои ја попречуваат оваа транзиција опфаќаат активности како либерализација на трговијата со фосилни горива и наметнување ограничувања на трговијата со технологии за обновлива енергија, како што се соларните панели и турбините на ветер.

Меѓутоа, политичкото несогласување во рамките на мултилатералниот трговски систем создаде потешкотија за донесување правни реформи кои би ја олесниле транзицијата кон одржлива енергија преку традиционалните начини.

Алтернативни пристапи за усогласување на меѓународните трговски правила со транзицијата кон одржлива енергија

  1. Судско толкување: Правниот развој во врска со трговијата и животната средина често произлегува од судските пресуди, кои ја обликувааат дебатата за политиките за животната средина. Сепак, влијанието на судството е ограничено на спорови кои се покренати пред него, а и тоа функционира во правна рамка дизајнирана за ера доминирана од фосилни горива.
  2. Плурилатерализам: Плурилатералните трговски преговори се преговори меѓу подгрупа на истомисленици – членки на СТО за одреден сектор или прашање. Иако ветувачки, овие иницијативи се соочуваат со отпор од некои членки. Сепак, со оглед на итноста на климатските промени, тие нудат прагматичен пристап за забрзување на енергетската транзиција преку трговијата.
  3. Неформални регулативи: Неформалните механизми, како што се политичките дијалози и необврзувачките договори, сѐ повеќе се користат за решавање на сложените трговски и еколошки прашања. Иако можеби нема да доведат до итна правна реформа, тие ја подигнуваат свеста и ја поставуваат основата за градење консензус. Иницијативите како Договорот за климатските промени, трговијата и одржливоста (ACCTS) имаат за цел да ги формализираат овие напори.

Итноста за справување со климатските промени бара смела и решителна акција за да се забрза транзицијата кон светска економија со ниска емисија на јаглерод. Иако напредокот е бавен во изминативе три децении, сè уште постои надеж за значајни промени преку заеднички напори на национално, регионално и глобално ниво. Со надминување на бариерите, прифаќање на иновациите и поттикнување на соработка, можеме да го отвориме патот кон поодржлива иднина и да ги ублажиме влијанијата од климатските промени.

Дигитален маркетер со правничка позадина. Со огромна љубов кон пишувањето и all things eco-friendly. #TheVoiceOfGenZ

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.