Калифорнија има намера да ја обучи својата работна сила со вештини за користење на вештачка интелигенција преку соработка со компанијата Nvidia, која ќе спроведува обуки низ целата држава. Гигантот за AI чипови, кој е со седиште во Санта Клара, моментално е третата највредна компанија во светот.
Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, и извршниот директор на Nvidia, Џенсен Хуанг, го најавија „првото партнерство од ваков вид“, кое ќе се фокусира на обука на студенти за употреба на AI, создавање работни места и користење на AI за решавање на реални проблеми.
„Заедно со Калифорнија, Nvidia ќе обучи 100.000 студенти, програмери и дата-научници“, изјави Хуанг, додавајќи дека целта е „да се подготви Калифорнија за утрешните предизвици“ и „да се овозможи просперитет“.
Благодарение на партнерството, колеџите ќе добијат AI работилници, лаборатории, наставни планови, сертификати и технологија. Индивидуалците ќе имаат можност да ја унапредат својата кариера, пишува Entrepreneur.
Извор: Freepik
Рана фаза на новата индустриска револуција
Државата Калифорнија има корист од големиот број таленти во областа на вештачката интелигенција и истражува начини за поддршка на AI стартапи во раната фаза.
„Се наоѓаме во раната фаза на нова индустриска револуција која ќе трансформира индустрии вредни билиони долари ширум светот“, изјави Џенсен Хуанг.
Вештачката интелигенција веќе помогна во намалување на рутинските задачи и поедноставување на комуникацијата, велат лидерите на компанијата. Сепак, според неодамнешната студија на Microsoft, иако работодавците бараат кандидати со вештини за вештачка интелигенција, само 39 проценти од нив обезбедиле обука за постојните вработени. Повеќето од употребата на вештачката интелигенција на работното место се одвива тајно – 78 проценти од луѓето користат ВИ алатки на работа „без насоки или одобрение од раководството“.
Истовремено, создавањето на ВИ е скапо: еден модел денес може да чини 100 милиони долари, а во следните неколку години цената би можела да достигне десетици милијарди долари. Вештачката интелигенција исто така може да ги зголеми емисиите на штетни гасови, како што е наведено во јулскиот извештај на Google за животната средина.
И покрај недостатоците на вештачката интелигенција, таа може да има позитивно влијание во Калифорнија преку новото партнерство. Калифорнија е најнаселената држава во САД, со повеќе од 39 милиони жители. Стапката на невработеност во Калифорнија достигна 5,3 проценти во февруари, а од јуни, во државата имало 999.897 работни места.