Вештачката интелигенција на пат да го надмине Bitcoin во потрошувачка на струја

Вештачката интелигенција би можела наскоро да го надмине копањето на Bitcoin по потрошувачка на енергија, покажува нова анализа која заклучува дека AI би можел да користи речиси половина од вкупната електрична енергија што глобално ја трошат дата центрите до крајот на 2025 година.

bitcoin-3668-fi

Извор: bizlife.rs, Freepik,

Процените доаѓаат од Алекс де Врис-Гао, докторанд на Институтот за студии за животна средина при Универзитетот Врије во Амстердам, кој веќе е познат по истражувањата за потрошувачката на струја и влијанието на криптовалутите врз животната средина, како и по веб-страницата Digiconomist. Својата најнова анализа за растечките енергетски потреби на AI ја објави минатата недела во списанието Joule.

Според де Врис-Гао, AI веќе сега користи и до една петтина од електричната енергија што ја трошат дата центрите. Тоа е број што е тешко прецизно да се утврди, бидејќи големите технолошки компании не објавуваат податоци за потрошувачката на енергија на нивните AI модели. Де Врис-Гао морал да прави проекции врз основа на синџирот на снабдување со специјализирани чипови што се користат за AI. Тој и други истражувачи откриле дека, и покрај одредени подобрувања во ефикасноста, енергетската глад на AI брзо расте и тоа со брзина што заслужува дополнително внимание.

Откако алтернативни криптовалути како Ethereum преминаа на енергетски поефикасни технологии, де Врис-Гао мислеше дека ќе може да се повлече од оваа област. „И тогаш се појави ChatGPT,“ изјави за The Verge. „Помислив, о не, еве нè пак. Ова е уште една технологија што вообичаено троши многу енергија, особено на исклучително конкурентните пазари.“

Тој гледа неколку клучни паралели со светот на криптовалутите. Првата е менталитетот „поголемо е подобро“. „Гледаме како големите технолошки компании постојано ја зголемуваат големината на своите модели, обидувајќи се да го имаат најдобриот модел на пазарот, но со тоа воедно ги зголемуваат и потребите за ресурси,“ вели де Врис-Гао.

Оваа трка доведе до процут на изградба на нови дата центри за AI, особено во САД, каде што ги има повеќе отколку во која било друга земја. Енергетските компании планираат изградба на нови термоелектрани на гас и нуклеарни електрани со цел да ја задоволат растечката побарувачка за електрична енергија поради AI. Ненадејните скокови во потрошувачката можат да го оптоварат електроенергетскиот систем и да го забават преминот кон почисти извори на енергија, проблем сличен на оној што го предизвикаа крипто-рудниците, кои функционираат како дата центри за валидација на блокчејн трансакции.

Втората паралела што ја повлекува де Врис-Гао со своето претходно истражување за крипто-рударењето е колку е тешко да се пресмета вистинската потрошувачка на енергија и влијанието на овие технологии врз животната средина. Иако многу големи технолошки компании што развиваат AI поставиле климатски цели и ги вклучуваат емисиите на стакленички гасови во своите годишни извештаи за одржливост, тие ретко посочуваат колку од тие емисии се однесуваат исклучиво на AI.

Проблемот на (не)транспарентноста

За да дојде до проценката, де Врис-Гао користел техника што ја нарекува „триагулација“. Таа се темели на јавно достапни информации за уредите, проценки од аналитичари и финансиски брифинзи со компании, со цел да процени колку AI хардвер се произведува и колку струја трошат тие уреди. Тајванската компанија TSMC, која произведува AI чипови за компании како Nvidia и AMD, повеќе од двојно ги зголемила капацитетите за производство на пакувани чипови за AI помеѓу 2023 и 2024 година.

Откако пресметал колку специјализиран AI хардвер се произведува, де Врис-Гао го споредил тоа со податоците за потрошувачката на струја на тие уреди. Минатата година, тие веројатно трошеле приближно иста количина струја колку и цела Холандија, неговата матична земја. До крајот на 2025 година, очекува дека потрошувачката на AI хардвер ќе достигне ниво слично на потрошувачката на Обединетото Кралство, со вкупна побарувачка од 23 GW.

Минатата недела, одделен извештај на консултантската куќа ICF предвиде дека потрошувачката на струја во САД ќе порасне за 25% до крајот на деценијата, токму поради AI, традиционалните дата центри и копањето на Bitcoin.

Извор: bizlife.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.