Мустафа Сулејман, извршен директор за вештачка интелигенција во Microsoft, на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер) изрази сериозна загриженост:
„Извештаите за AI психоза и нездрава поврзаност со ботовите се сè побројни. Компаниите не треба да ја промовираат идејата дека AI има свест. Како индустрија, мораме јасно да ги истакнеме ограничувањата и предупредувањата, за да не се создаде погрешна перцепција кај корисниците.“
Како да ја препознаете AI психозата
AI психозата не е клиничка дијагноза, туку се однесува на обрасци на однесување каде што корисниците развиваат лажна перцепција на реалноста како резултат на интеракција со чет-ботови.
Некои од симптомите вклучуваат:
- Грандиозни заблуди – верување дека AI им го „отворил умот“ и им помогнал да достигнат повисоко ниво на свест;
- Религиозни заблуди – доживување на AI како божество или виша сила;
- Еротомански заблуди – верување дека чет-ботот е во романтична врска со нив;
- Месијански комплекс – корисниците се идентификуваат со улога на спасители или визионери.
Во некои случаи, лица што претходно биле стабилни на терапија престануваат да ги земаат лековите и влегуваат во нова психотична или манијакална епизода. Исто така, пријавени се случаи на поединци без никаква историја на ментални нарушувања кои, по долга интеракција со чет-ботови, доживеале психоза, хоспитализација, па дури и обиди за самоубиство.
Зборувајте со луѓе
BBC ја пренесува приказната на Џу од Шкотска, кого ChatGPT го убедил дека ќе стане мултимилионер откако, според него, бил неправедно отпуштен од работа. Чет-ботот му предложил да поднесе тужба, уверувајќи го дека неговиот случај ќе резултира со висока отштета, а неговата приказна ќе се претвори во книга и филм вредни над пет милиони фунти.
Со тек на време, Џу почнал да се чувствува како просветлен човек со посебно знаење. Но, поради постоечките ментални предизвици, на крајот доживеал нервен слом.
И покрај сè, Џу не го обвинува AI:
„Не плашете се од AI алатките. Опасни стануваат само кога ќе се оддалечите од реалноста. Зборувајте со луѓе, со терапевт или со блиските.“
На социјалните мрежи се појавија и групи за поддршка каде што луѓето споделуваат слични искуства – некои веруваат дека се во љубовна врска со чет-бот, други дека се под истрага на ФБИ поради информациите што им ги соопштил AI.
Коренот на проблемот
Чет-ботовите како ChatGPT се програмирани да:
- го имитираат јазикот и тонот на корисникот;
- ги поддржуваат неговите верувања;
- ја задоволат интерактивната и емоционалната потреба.
Кога чет-ботот се повикува на претходни разговори или покажува „емпатија“, се создава илузија на блискост, како да разговарате со вистински пријател. Ова дополнително го замаглува чувството за реалност.
Оние што се уште не се соочиле со овој феномен, можат да го погледнат футуристичкиот филм „Her“ (2013) од Спајк Џоунз. Звучи како научна фантастика – но сценариото полека станува реалност.
Извор: web-mind.rs