Музика создадена од вештачка интелигенција – дали АИ ја краде славата на уметниците?

Со над еден милион месечни слушатели на Spotify, рок „бендот“ The Velvet Sundown заработува илјадници долари, додека музичката индустрија се соочува со тешки прашања.

muzika-4010-fi

Извор: DALL-E3

Имено, неодамна беше потврдено дека овој „бенд“ всушност е дело на генеративна вештачка интелигенција што веќе и се претпоставуваше дека ќе се случи тоа, имајќи ги предвид “совршените”слики на членовите на бендот, како и насловите на песните.

Во биографијата на Spotify сега стои дека The Velvet Sundown е „синтетички музички проект под раководство на човечка креативна дирекција, компониран, испеан и визуализиран со поддршка од вештачка интелигенција“.

Сепак, во разговорите на CNBC со бројни професионалци од индустријата, често се споменуваа зборови како „бездушно“, „задушувачко“ и „морничаво“, додека индустријата се соочува со продорот на АИ.

Иако АИ алатките одамна се присутни во програми како Logic, новите генеративни алатки како Suno и Udio овозможуваат создавање на целосни песни врз основа на само неколку текстуални упати.

Поради тоа, The Velvet Sundown не е единствениот АИ изведувач кој се појавува. Постојат индикации дека и музичарот Aventhis, кој твори во жанрот „кантри музика“ и има над 600.000 месечни слушатели, исто така е дело на АИ, од вокалите до инструментите.

Француската стриминг платформа Deezer, која на почетокот од годината воведе алатка за откривање АИ музика, соопшти дека во април околу 18% од сите нови нумери на платформата биле целосно генерирани со вештачка интелигенција.

Напредок на АИ технологијата во музиката

Квалитетот и оригиналноста на АИ музиката долго време беа подложни на критика, но експертите велат дека генеративната АИ станува толку софистицирана што просечниот слушател тешко може да направи разлика помеѓу човечка и АИ креација.

„The Velvet Sundown” е многу подобар од повеќето нешта што досега сме ги слушнале од светот на АИ“, вели професорот Палмара од Herron School of Art and Design.

Според него, овој „бенд“ е само „врв на ледениот брег“. Алатки како Suno и Udio овозможуваат секој да создаде стотици песни дневно, често бесплатно или со претплата помала од 30 долари месечно.

Иако АИ песните може да се создадат бесплатно, тоа не значи дека не носат заработка. Според проценките на ChartMasters, The Velvet Sundown има заработка од околу 34.235 долари за само 30 дена од различни стриминг сервиси.

Затоа не изненадува што АИ авторите се обидуваат да ги преплават платформите со генерирана музика надевајќи се дека нешто ќе стане вирално.

Ширењето на АИ музиката предизвика бура во индустријата, вели Кит Мелин, професор на Ливерпулскиот институт за изведувачки уметности и член на бендот The Farm.

„Ова е моментално најактуелна тема, особено во врска со авторските права и дигиталните сервиси како Spotify“, вели тој.

Големите издавачки куќи како Sony Music, Universal Music Group и Warner Records веќе поднесоа тужби против Suno и Udio поради масовно прекршување на авторски права. Илјадници музичари и уметници исто така бараат забрана за користење на нивните дела при тренирање на АИ без нивна дозвола.

Сепак, Мелин истакнува дека АИ во музиката нема да запре: „Не можеме да го вратиме времето назад“, вели тој, додавајќи дека музичките модели постојано се менуваат.

Британската алтернативна поп пејачка Тили Луис вели дека е поразително што бенд кој всушност не постои добива толкаво внимание на мрежите. Иако има милиони стримови на Spotify, таа вели дека никогаш не заработила доволно за да живее од тоа и дека моментално работи со полно работно време.

„Веќе е доволно тешко да се избориме за внимание, а сега треба да се натпреваруваме со фиктивни бендови“, рече таа.

Професори по музика велат дека сè почесто вклучуваат АИ во наставата, не за да го промовираат како замена, туку како алатка што може да помогне во креативниот процес и продукцијата. Некои познати продуценти веќе го следат тој тренд.

„И другите продуценти ќе почнат да прават исто и тоа ќе создаде сосема нов модел на музичка индустрија кој сè уште не можеме да го замислиме“, вели Палмара.

Сепак, додава дека тоа веројатно дополнително ќе го отежне заработувањето за младите музичари на интернет. Трендот се соочува и со отпор, не само поради влијанието врз уметниците, туку и поради последиците за публиката.

„Љубителите на музика треба да бидат загрижени бидејќи АИ музиката ги преплавува мрежите и алгоритмите, отежнувајќи ни да се поврземе едни со други“, изјави музичкиот критичар Ентони Фантано за CNBC.

„АИ уметноста не нуди ништо што луѓето веќе не можат подобро да го направат“, додава тој, тврдејќи дека тоа е начин „квази музичарите“ да ги елиминираат вистинските уметници.

Музичките организации, покрај тоа што бараат посилна заштита на авторските права, бараат и јасно означување на песните што се генерирани со АИ. Spotify не се огласи на барањето на CNBC за својата политика за детекција и означување на АИ содржина. Тино Галиарди, претседател на Американската федерација на музичари на САД и Канада, изјави во соопштение:

„Согласност, заслуги и надоместок се основни предуслови во развојот на АИ. Транспарентноста, особено на стриминг сервисите е клучна за зачувување на егзистенцијата на музичарите. Сè под тоа е кражба.“

Извор: web-mind.rs

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.