Прво мора да сфатиш како звучиш
Пред ChatGPT да се обиде да го имитира твојот стил, важно е и ти самиот да го препознаеш. Собери неколку свои текстови што ги сакаш – колумни, блогови, мејлови, LinkedIn објави, постови за социјални мрежи.
Потоа, погледни ги како уредник, а не како автор, и прашај се: Дали делувам формално или опуштено? Дали често користам хумор или сум повеќе суво информативен? Пишувам ли со кратки, „исецкани“ реченици или сакам подолги, разработени пасуси? Дали често поставувам прашања, користам примери од секојдневието, прераскажувам анегдоти?
Сето тоа можеш да го запишеш во неколку реченици: „Пишувам разговорно, често користам реторички прашања, сакам кратки реченици и директен тон, без многу флоскули.“ Тоа ти станува основа за понатаму.
Научи го ChatGPT на твојот стил преку примероци
Кога веќе имаш јасна слика за сопствениот „глас“, време е да го пренесеш на АИ. Во нов чат можеш да напишеш нешто како:
„Анализирај го мојот стил на пишување. Поставувај ми прашања ако е потребно. Ќе ти пратам три примероци од текстови, а ти на крај направи детален опис на мојот тон, ритам, речник и структура.“
Потоа, еден по еден, му праќаш три текста што најдобро те претставуваат. Важно е да бидат различни, но и понатаму препознатливо „твои“. На крај ќе добиеш анализа: како моделот го гледа твојот тон, темпо, омилени фрази, начинот на кој ги градиш пасусите.
Прочитај сè внимателно. Ако нешто не звучи како ти, исправи го: напиши дека сакаш уште понеформален тон, помалку стручни термини или повеќе примери. АИ следниот пат ќе го земе тоа предвид.
Барај нови текстови во својот тон
Кога анализата е готова, користи ја како полазна точка. Можеш да напишеш:
„Врз основа на анализата на мојот стил, напиши текст од 400 зборови на тема X. Задржи го мојот тон, темпо, типичен речник и начинот на структурирање на текстот.“
Добиениот текст читај го како да уредуваш колега: означи што ти се допаѓа, а каде нешто „штрчи“. Потоа побарај измени – пократки реченици, помалку патетика, повеќе конкретни примери, појасен заклучок. Колку почесто даваш ваков feedback, толку повеќе резултатот ќе личи на твој ракопис.
Вгради го својот стил во секоја следна конверзација
Ако ја користиш опцијата за персонализирани насоки (Custom instructions или слично), таму можеш трајно да го внесеш својот стил: како сакаш моделот да пишува, со каков тон, колку детално, дали да користи поднаслови, листи или наративни пасуси. Така не почнуваш секој пат од нула, туку ChatGPT стартува со основен „профил“ на твоето пишување.
А ти, како уредник на сопствениот АИ-клон, постепено ги дотеруваш нијансите – сè додека не дојдеш до точка кога поголемиот дел од текстот само го полираш, наместо да пишуваш од почеток.
Пред да почнеш да ги применуваш советите од овој текст, имај на ум дека личниот печат е клучен. Секогаш се препознава кога некој по добар промпт само ќе направи copy–paste без да прочита и да среди. Затоа е важно низ секој текст сепак ти самиот да „поминеш“.