Овие два дена Скопје е домаќин на врвните умови од областа на вештачката интелигенција. Несомнено еден од долгоочекуваните панелисти беше Ив Псалти, дамата која како специјалист за AI во Microsoft, го привлече вниманието на публиката со своите визионерски идеи за иднината на AI.
Како искусен експерт за AI, Псалти ги воведе присутните во патувањето на Microsoft во областа на AI, особено во соработката со OpenAI и како компанијата се движи кон повеќе специјализирани и ефикасни AI модели. Токму Пслати ја најави новата насока кога станува збор за јазичните модели. Станува збор за премин од големи, ресурсоинтензивни јазични модели кон повеќе специјализирани, помали модели. Нејзината презентација го нагласи растечкиот фокус на ефикасност, безбедност и скалабилност во AI.
„Живееме во свет преплавен со AI модели,“ вака Псалти го започна своето излагање. Според неа, предизвикот не е само во бројот на достапни модели, туку во наоѓањето на вистинската рамнотежа помеѓу иновацијата и практичноста. Додека големите јазични модели, развиени во соработка со OpenAI, во моментот се во фокусот на AI сцената, Псалти истакна важна пресвртница: подемот на помали и пофокусирани AI системи.
Овие компактни модели бараат помалку ресурси – клучен фактор во скапиот свет на AI развојот. „Нишалото се поместува кон повеќе специјализирани модели,“ објасни таа. „Помалите модели значат намалена побарувачка за скапи графички процесори, додека истовремено ја задржуваат истата точност и флексибилност.“
AI во светот на корпорацијата
Додека го истражуваше потенцијалот на AI моделите Псалти нагласи дека бизнисите мора бидат сигурни дека моделите што ги избираат се доволно стабилни за реална употреба. „Експериментирањето со модели со отворен код е одлично, но ако сакате да го интегрирате AI во вашата инфраструктура, тој мора да биде подготвен за корпоративна употреба,“ потенцираше таа.
Во нејзиниот поглед кон иднината, AI не е само создавање на револуционерна технологија – тоа е и правење таа технологија да биде приспособлива, доверлива и безбедна за корпоративна употреба. Оваа порака силно одекна кај присутните, од кои многумина беа заинтересирани за примена на AI во деловните процеси.
Безбедност и етичка одговорност
Во пошироката дискусија за AI, Псалти нагласи важна точка: безбедноста на податоците. „Безбедноста не е само карактеристика, таа е неопходност,“ истакна таа. Во време кога пробивањето на податоци и етичките прашања се во центарот на вниманието, Псалти повика на одговорност од страна на развивачите и компаниите кои имплементираат AI модели. „Мора да бидеме сигурни дека сè што градиме е соодветно заштитено. Ова не е само прашање на етика, туку и на создавање доверливи и безбедни системи.“
Нејзината порака беше јасна: AI продолжува да ги револуционизира индустриите, а безбедното и етичко развивање на овие системи мора да биде во преден план.
Во текот на своето излагање, Псалти презентираше неколку примери за тоа како клиентите на Microsoft ги користат AI моделите во различни индустрии. Овие примери ги истакнаа практичните можности на AI во оптимизацијата на деловните процеси и подобрување на корисничкото искуство.
Иднината на AI: Ефикасност и фокус
На крајот од своето излагање, Псалти даде увид во иднината на AI. Таа верува дека, иако генеративната AI и големите модели постигнаа значителен напредок, иднината лежи во моделите кои нудат ефикасност и специјализација. „Сведоци сме на еволуција на AI кон пофокусирани и адаптибилни алатки кои можат да се прилагодат на различни случаи на употреба,“ заклучи таа.
AI Tech Summit во Скопје не само што ги претстави најновите технолошки достигнувања, туку и отвори клучни дијалози за спојот на етиката, креативноста и бизнисот во светот на вештачката интелигенција. Полека но сигурно станува јасно дека улогата на AI во нашите секојдневни животи ќе расте експоненцијално – и тоа побрзо од кога било досега.