Како што трката во развојот на вештачката интелигенција се забрзува, се поставува прашање кое до пред само неколку години не делуваше сериозно: дали идните дата центри ќе мора да ја напуштат Земјата?
Една европска компанија верува дека одговорот е да.
AI револуцијата има проблем кој не се гледа
Кога зборуваме за вештачката интелигенција, најчесто размислуваме за софтвер, алгоритми и модели како ChatGPT. Меѓутоа, вистинскиот мотор на AI револуцијата се наоѓа во огромните хали исполнети со сервери. Модерните дата центри стануваат едни од најбараните инфраструктурни градби во светот. Процените покажуваат за глобалната потрошувачка на електрична енергија на дата центрите во наредните години ќе расте повеќекратно, токму поради развојот на генеративната вештачка интелигенција. Проблемот не е само потрошувачката на струја.
Серверите произведуваат огромни количини топлина, поради што е неопходно константно ладење. Во многу региони во светот тоа значи огромна потрошувачка на вода или дополнителна енергија за разладните системи. Истовремено, сè потешко е да се најде доволно простор за изградба на нови објекти, да се обезбеди стабилно напојување со електрична енергија и да се добијат дозволи од локалните заедници кои сè почесто изразуваат загриженост поради влијанието врз животната средина.
Во одредени делови на Европа и САД веќе се воведени ограничувања за изградба на нови дата центри токму затоа што постоечката електроенергетска мрежа повеќе не може да го следи нивниот раст.
Зошто еден голем дата ценар повеќе не е доволен
Компаниите како Microsoft, Google, Amazon и Meta денес управуваат со мрежи кои бројат стотици дата центри ширум светот. Причината не е само капацитетот.
Податоците мора да им бидат достапни на корисниците речиси во моментот, поради што компјутерската инфраструктура се распоредува на повеќе локации. Истовремено, компаниите сакаат резервни системи кои ќе продолжат со работа дури и ако еден центар остане без напојување или биде погоден од природна катастрофа.
Меѓутоа, како што AI моделите стануваат сè побарувачки, ниту ваквиот пристап можеби нема да биде доволен. Изградбата на нови објекти трае со години, бара огромни инвестиции, додека побарувачката за компјутерска моќ се зголемува многу побрзо отколку што инфраструктурата може да се развива.
Решение кое звучи како научна фантастика
Токму затоа вниманието го привлекува европскиот стартап Ascend Arc, кој ја развива идејата за орбитални дата центри. Концептот е едноставен, но многу амбициозен.
Наместо серверите да се наоѓаат на Земјата, тие би биле сместени во орбитата, каде што енергијата би ја добивале со помош на соларни панели, додека ладната вселена би овозможила природно ладење без огромна потрошувачка на вода и електрична енергија.
Со други зборови, двата најголеми проблеми на денешните дата центри – енергијата и ладењето би можеле да бидат решени значително поедноставно. Компанијата развива модуларни единици кои би се лансирале со ракети и би се поврзувале во големи орбитални компјутерски комплекси.
Што би биле предностите на дата центрите во вселената?
Идејата носи неколку потенцијални предности. Пред сè, во орбитата постои речиси неограничена количина на сончева енергија, без смена на денот и ноќта каква што имаме на Земјата.
Втората голема предност е природното одведување на топлината во вселената, со што значително би се намалила потребата за комплексни системи за ладење. Тука е и помалиот притисок врз електроенергетската мрежа на Земјата, која веќе сега тешко го следи растот на AI индустријата.
Покрај тоа, се ослободува драгоцен простор на земјиштето, а се намалува и локалното влијание врз животната средина, особено кога станува збор за потрошувачката на вода. Сепак, помеѓу идејата и реализацијата се наоѓаат голем број технички предизвици.
Лансирањето на опремата во орбитата и понатаму е многу скапо, иако приватните вселенски компании во последните години значително ја намалија цената. Одржувањето на серверите претставува посебен проблем. За разлика од дата центарот на Земјата, каде што техничар може за неколку минути да го замени расипаниот дел, во вселената тоа би барало роботи или посебни сервисни мисии.
Тука се и прашањата за безбедноста, заштитата од вселенски отпад, радијацијата, како и брзината на пренос на податоци помеѓу Земјата и орбиталните сервери. Со други зборови, технологијата сè уште не е подготвена за масовна примена.
Научна фантастика или следната индустриска револуција?
Пред само дваесет години идејата дека милиони луѓе секојдневно ќе разговараат со вештачка интелигенција делуваше еднакво неверојатно. Денес на сличен начин се зборува за дата центрите во вселената.
Дали тие навистина ќе станат иднината на AI инфраструктурата или ќе останат само интересен експеримент, ќе покаже наредната деценија. Но, едно е сигурно – како што вештачката интелигенција ќе станува помоќна, светот ќе мора да пронајде целосно нови начини да обезбеди енергија, простор и компјутерска моќ која ја движи.
Можеби токму одговорот ќе се наоѓа неколку стотици километри над нашите глави.
Извор: webmind.rs