Џастин Бибер ќе биде еден од главните изведувачи за време на 11-минутниот спектакл кој ќе се одржи на 19 јули 2026 година на стадионот „МетЛајф“ (MetLife) во Ист Ратерфорд, во сојузната држава Њу Џерси. Иако сè уште не е познато кои репрезентации ќе се борат за титулата светски првак, ФИФА веќе ги подигна очекувањата кога станува збор за забавната програма.
„Светското првенство ги обединува луѓето ширум светот на начин на кој ништо друго не може. Благодарен сум што сум дел од ова шоу, а уште повеќе што знам дека тоа веќе помага во ширењето на пристапот до образование за децата ширум светот“, изјави Бибер.
Покрај него, на сцената ќе настапат и Мадона, Шакира и БТС (BTS), додека за изборот на изведувачите беше задолжен Крис Мартин, фронтменот на групата Колдплеј (Coldplay).
Финалето на Светското првенство 2026 – голем културен момент
ФИФА соопшти кое е значењето на овој историски момент за натпреварувањето.
„За првпат во историјата на Светското првенство се организира шоу на полувремето од финалето. Овој настан е поддржан од FIFA Global Citizen Education Fund, иницијатива која има за цел да собере 100 милиони долари за унапредување на пристапот до квалитетно образование и фудбал за децата ширум светот“, се наведува во соопштението.
Финалниот натпревар ќе се одигра на стадионот „МетЛајф“, познат и како New York New Jersey Stadium, а почетокот на мечот е закажан за 15 часот по источноамериканско време.
Хју Еванс, соосновач и извршен директор на организацијата Global Citizen, го истакна значењето на овој настан.
„Ова е најголемото собиранје на уметници обединети околу една цел уште од концертот Live Aid и би можело да стане најгледаните 11 минути музичка програма во историјата на телевизијата. Ова е момент кој ќе го спои светот преку музика, надеж и конкретни акции“, рече Еванс.
Импресивната постава не завршува со најголемите светски поп-ѕвезди. Пред публиката ќе се претстават и Бурна Бој (Burna Boy), познатиот диригент Густаво Дудамел, како и хорот PS22 Chorus кој го сочинат ученици од основно училиште од њујоршкиот Стејтен Ајленд.
За Џастин Бибер ова претставува уште еден чекор во враќањето на големата сцена по повеќегодишната пауза од турнеи и настапи. Пејачот неодамна привлече големо внимание со настапот на фестивалот Коачела (Coachella), што беше еден од неговите први големи јавни настапи по четири години.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, порача дека настанот ќе остави трага која го надминува самиот спортски резултат.
„Додека светот ќе се собира по повод најважниот фудбалски натпревар во историјата, овој револуционерен спектакл, кој го осмисли Крис Мартин од групата Колдплеј, ќе ги слави фудбалот, музиката и заедничките вредности, создавајќи наследство кое ќе трае многу подолго од последниот судиски свиреж“, изјави Инфантино.
Кога станува збор за фаворитите за освојување на титулата, според наводите на TNT Sports, Франција во моментов важи за главен кандидат за трофејот. Веднаш зад неа се наоѓа Аргентина, додека меѓу најголемите фаворити се издвојуваат и Шпанија и Англија.
Извор: wannabemagazine.com