Еволуција на патентите во ерата на вештачката интелигенција

Силиконската долина и понатаму ја држи титулата за најмногу доделени патенти во САД, но порастот на вештачката интелигенција ја принудува владата да излезе со нови правила околу пријавата за патентните, бидејќи употребата на системи за вештачка интелигенција како ChatGPT ја истакна постоечката нејасност за тоа што се квалификува за патент.

evolucija na patenti

Ilustracija: DALL-E3

Скоро 248 корисни патенти на 100.000 жители беа доделени во метрополитенската област Сан Франциско-Оукланд-Фремонт во 2022 година – што е зголемување за 52% од 2012 година, според податоците на Канцеларијата за патенти и трговски марки на САД (USPTO). Корисни патенти може да се доделат за пронајдок или откривање на нов и корисен процес, машина или состав на материја, меѓу другото.

Според порталот Axios, компјутерската технологија имала најголем удел во креирањето на нови корисни патенти, околу 28 отсто.

На второ место се најде дигиталната комуникација, а потоа следи медицинската технологија.

Пронаоѓачот мора да биде човек, а не систем на вештачка интелигенција

Упатството од USPTO издадено во февруари, наведува дека користењето на системот за вештачка интелигенција од страна на одредено лице не мора да го исклучува тоа лице да се квалификува како пронаоѓач во пријавата за патент.

Проценките се вршат од барање до барање и од случај до случај, според USPTO.

Сепак, федералниот апелационен суд во 2022 година пресуди дека пронаоѓач мора да биде „физичко лице“, а не систем за вештачка интелигенција. Во писмото до USPTO од 2023 година, Американското здружение за интелектуална сопственост напиша дека „ВИ треба да се смета за софистицирана алатка за помош на иновациите кои ги креира човекот, аналогно на кој било друг инструмент што се користи во креативниот процес“.

Здружението, исто така, предупреди на потенцијалот за недоследности предизвикани од додавање на прашања поврзани со вештачката интелигенција во пријавите за патенти.

Според порталот, добивањето патент е една работа, а создавањето на предложениот производ или услуга е друго.

Сепак, бројот на доделени патенти е сè уште корисен показател за мерење на нешто толку недопирливо како „иновацијата“. Во однос на бројките, метрополите Сан Хозе и Сан Франциско се на прво место во САД во 2022 година со одобрени 14.089 и 11.346 патенти, соодветно. Њујорк е на третото место, со 6.979.

Северозападен Арканзас, Луисвил, Кентаки и Њу Орлеанс се појавуваат како нови жаришта за иновации во Америка, мерено со промената во корисни патенти доделени со текот на времето на 100.000 жители.

Избор на уредникот

Prijavi se na novosti.