Веќе извесно време се дебатира за тоа што сé може да направи вештачката интелигенција на полето на литературата и создавањето на книжевни дела, имајќи ги предвид сите досегашни достигнувања и алатки кои се достапни за генерирање текстуални и наративни содржини, секако предводени од Chat GPT.
Иако на прв поглед звучи неостварливо, ВИ да ги замени актуелните писатели, сепак многумина од нив се сериозно и оправдано загрижени за тоа како ќе се одвиваат работите. Литературата како уметност која пред сè, пружа квалитетни, уметнички дела и единствено, неспоредливо искуство за читателот, не може да се спореди со квантитативното „штанцање“ на книги. Доволен е само фактот дека на платформата Kindle Direct Publishing, која е дел од платформата за книги на Amazon, денес секој може самостојно да објави своја книга, делумно или целосно напишана со помош на вештачката интелигенција.
Во февруари 2023 година, Reuters објави дека кај повеќе од 200 книги достапни на Amazon како автор или ко-автор се наведува Chat GPT, додека пак Amazon, во обид да го ублажи напливот, воведе ново правило кое ги ограничува авторите да смеат да поставуваат максимум 3 дела дневно.
Зошто писателите се загрижени?
Еминентни писатели, новелисти и сценаристи во САД минатата година излегоа на штрајк кревајќи го својот глас против употребата на вештачката интелигенција при пишување книги, што резултираше со поднесена тужба од страна на здружението Writers Guild of America против OpenAI – компанијата во чија сопственост е chat bot-от.
Како што објави тогаш The Guardian, целта е „да се скроти чудовиштето“ ВИ, кое бескрупулозно го скенира интернетот и го присвојува сето знаење и содржини во него, вклучително и дела заштитени со авторски права, кои потоа ги преобликува во свои имитации на креативно пишување – песни, романи, сценарија, есеи, кои подоцна многу лесно можат погрешно да се препознаат како оригинални пишувања.
Извор: Pexels / Suzy Hazelwood
Вистинската загриженост е всушност насочена кон иднината, што сè може да донесе Chat GPT-5 или пак наредните генерации во споредба со Chat GPT-4, кој во моментов е најразвиената чет бот алатка на OpenAI. Според досегашните дебати и заклучоци основани на анализирање на генерирани содржини од ВИ, Chat GPT не може да го имитира „човечкиот допир“ во нарацијата, чувствата, емпатијата. Невозможно е да го замени мајсторското отсликување на ликовите, катарзичната моќ на зборовите и само-рефлексијата, алегориите и другите стилски фигури, а камоли да вметнува интелигентен хумор, иронија или цинизам во писанијата. Сево ова е неопходно за книжевните уметнички дела и токму затоа многу врвни писатели на денешницата немаат дилема дека ВИ може да им го „украде гласот“ или автентичноста.
Но, отворените можности за она што ќе се случува во блиска иднина во поглед на развивањето на вештачката интелигенција кај алатките за пишување секако оставаат простор за загриженост. Факт е дека вештачката општа интелигенција AGI е следниот чекор во развојот на ВИ, концепт кој може да исполнува интелектуални задачи наменети за луѓе. Бројни експерти се изјаснуваат како оптимисти во поглед развојот на ВИ која пишува приказни со човечка креативност и критичко размислување, што секако би донело драматични промени и воведување на нови форми и жанрови на полето на литературата.
ВИ во позитивен контекст во областа на литературата
Ако ги исклучиме очекувањата и претпоставките за тоа што иднината на ВИ ќе ни донесе во поглед на алатките за креирање содржини, со сигурност можеме да кажеме дека досега тие се користат како вистински помошници при пишувањето од повеќе аспекти. Првенствено при генерирање на идеи, доразвивање на ликовите, помош при структурирање и градење на поглавја итн. Не може да се занемарат ваквите придобивки на ВИ во корист на дополнителното време кое го обезбедува, а кое можат авторите да го искористат за уште поавтентично креативно размислување при создавање на делото.
Извор: LubosHouska
Уште една важна улога која ВИ ја има особено во областа на стручната литература е машинското преведување, кое, секако под човечки надзор, е од голема помош, како во поглед на потребното време, така и за терминологијата. Со преводите на книжевните дела и поетските препеви потребната, интелектуална вклученост е во далеку поголеми размери, па затоа човечката инволвираност во нив е стопостотно потребна. Но, и тука не се исклучува потенцијалната помош од напредните алатки за преведување, но и за уредување и лекторирање на текстови, особено за оние јазици за кои големите јазични модели (Large Language Models) со ВИ имаат енормно големи бази на податоци.
Заклучок
Ако прашањето од милион долари е дали ВИ во иднина ќе ги замени писателите, најсоодветниот одговор можеби можеме да го најдеме во изјавата на Салман Ружди: „Вештачката интелигенција е опасност само за неоригиналните писатели“, подразбирајќи дека човечкиот интелект, тон, длабочина и оригиналноста при создавање на книжевни уметнички дела не можат да бидат заменети од ВИ. Но, Ружди истакнува дека не ја исклучува можноста одредени жанрови, каде што оригиналноста не е толку важна, да бидат загрозени, како трилерот или СФ на пример, како и создавање на филмски сценарија според кои Холивуд постојано снима нови верзии на стари филмови.
А доколку се прашуваме дали во иднина ќе читаме ВИ книги, тогаш одговорот е „да“, бидејќи со нивниот загрижувачко-растечки тренд, во комбинација со уште понапредните ВИ алатки за пишување книги кои сé уште се развиваат, сигурно во иднина ќе има по некоја новела, кратки приказни, па можеби и роман кои ќе им се допаднат дури и на најголемите опоненти на пишување на книги чиј автор или ко-автор е некој чет-бот од иднината.